Умирале бавно и болно, завиткани во фолии во „камионот – ковчег“ – соопштија бугарските обвинители за морбидната смрт на мигрантите

Бугарските власти уапсија седум лица откако во напуштен камион во близина на главниот град Софија беа пронајдени телата на 18 авганистански мигранти. Според првичната истрага тие умирале бавно и болно поради недостаток на кислорот. Нивната агонија да дојдат до здив траела од 30 – 60 минути. Првичните лекарски прегледи покажале и дека лицата биле измрзнати и со денови не јаделе ништо.

Возачите доцна ги слушнале тропањата и криците за помош. Кога го сопреле камионот веќе било предоцна. 18 од мигрантите биле мртви. Не останале да им помогнат на преживеаните кои ги нашле во очајно тешка здравствена состојба. Избегале и се обиделе да се скријат кај свои роднини во Бургас.

Во „камионот – ковчег“ криминалната група од Бугарија се обидела да пренесе 52-ца мигранти сите млади момчиња на возраст од 13 до 33 години. Кај ниту еден од нив не биле пронајдени документи.

Во камионот имало изработено посебна скривница која била обложена со фолија која требало да го прикрие нивното присуство на камерите со ренген. Групата мигрантите ги преземала од границата со Турција и ги транспортирала до границата со Србија. Крајни дестинации на мигрантите биле Велика Британија, Франција и Германија, а за транспортот им било наплаќано од 6 до 7 илјади евра. Од оваа сума возачите добивале само по 100 евра по мигрант, а менаџерот до 1000 евра по мигрант.

Бугарските власти соопштија дека уапсен е и организаторот на групата на кого определени му е определен притвор. Возачот и неговиот помошник се обвинети за предизвикување смрт од невнимание. По шестиот осомничен полицијата се уште трага со европска потерница.

Групата имала разработена шема, а целата организација за транспортот била договарана на Телеграм. Првично требало да пренесе 35 луѓе, но во возилото натовариле 52-ца.

Преживеаните, од кои дел во многу тешка состојба, хоспитализирани се во пет болници во земјата.

Главниот бугарски обвинител, Иван Гешев, на денешниот брифинг соопштувајќи ги и деталите од досегашната истрага констатираше дека Бугарија повторно е во црните европски статистики и во светските црни хроники…

– Она што го видовме, овие 18 мртви млади е разултат на распадот и меѓуинституционалната војна, на уништувањето на МВР од поранешниот министер, од политичките одлуки кои некои ги нарекуваат судски реформи. Го затворија Специјалното обвинителство, најсериозната алка во борбата против организираниот криминал, порача Гешев и праша кој сега ќе им се извини на граѓаните на Бугарија.

Заменикот на Гешев, Борислав Сарафов, пак информираше дека за 24 часа ислушани се исказите на десетици сведоци, извршени се над 20 претреси и побарани преку 30 вештачења. Во моментов не се работи само на разоткривање на причините на смртта туки и на разоткривање на криминалната група.