
Унгарија не ја одобрила исплатата на следната транша од воената помош за Украина во рамките на Европскиот инструмент за мировна помош (EFP), го потврди претходното пишување на медиумите во вторникот кабинетот на владата во Будимпешта.
Европскиот инструмент за мировна помош, воспоставен во 2021 година, е вонбуџетски инструмент насочен за јакнење на способноста на Европската унија да спречи судири, изгради мир и да ја зајакне меѓународната безбедност, како што го опишаа авторите.
„Унгарија не се согласува со фактот дека Европската унија заедно со другите постојни алатки да го користи EPF само за Украина, бидејќи тоа не дозволува насочување доволно средства за промовирање на интересите на ЕУ во другите региони“, одговориле од кабинетот на унгарската влада во одговор за Reuters преку електронска пошта, откако италијански извори и медиуми претходно известија за таквата одлука на Будимпешта.
Во одговорот се наведува дека другите региони во коишто тие средства на ЕУ би можело да се користат се Балканот или северна Африка.
„За унгарската влада клучно е тие прашања да бидат разјаснети и затоа не ја одобри исплатата на следната транша од EPF“, се додава во одговорот.
Европската унија досега обезбеди околу 3,6 милијарди евра воена помош за Украина во рамките на EPF.
Унгарија, којашто е членка и на ЕУ и на НАТО, одби да испорача каква и да е воена опрема на соседна Украина во војната со Русија. Унгарија ја осуди руската инвазија, но исто така и повеќепати ги критикуваше санкциите на ЕУ против Русија, кои мора едногласно да ги одобрат сите 27 земји членки, но на крајот откако ќе издејствуваше одредени погодности за себе на крајот ги поддржуваше сите досега договорени мерки.
Односите меѓу Будимпешта и Киев се влошени повеќе години наназад, но вербалните препукувања добија на острина особено по ставовите на Унгарија по руската инвазија од крајот на ланскиот февруари.
Унгарските функционери уште многу пред руската инвазија во Украина, поради нерешени прашања порачуваа дека ќе поставуваат услови на евратлантските амбиции на Киев. Односите меѓу Унгарија и Украина се влошени откако по превратот во 2014 година во Киев беа укинати правата, вклучително и за користење на јазикот како службен во западниот украински регион Закарпатие каде што живеат околу 150.000 етнички Унгарци. Киев особено ја разгневи Будимпешта кога во 2017 година го воведе законот со кој во училиштата се забранува користењето на јазиците на малцинствата, вклучително и унгарскиот. Во сегашната војна, исто така, Будимпешта протестира за насилно регутирање на нејзините сонародници во украинските сили и испраќање на најжештите точки на фронтот.