Унгарија испраќа 31 полицаец на границата меѓу Србија и Македонија за да помогне во борбата против илегалната миграција, соопшти денеска државниот секретар на Министерството за внатрешни работи на Унгарија, Бенце Ретвари, цитиран од „Данас“.
– Унгарската полиција не ја штити само границата на една земја, туку и на цела Европа. Полицајците презедоа тешка задача, бидејќи во наредниот период ќе ја чуваат 113-километарската граница меѓу Србија и Македонија, која е дел од главниот пат на илегалната миграција, се вели на веб-страницата на унгарската полиција.
Соработката е долгогодишна, истакнува Ретвари и „ова е втор контингент унгарски полицајци кои ќе служат во Србија“.
Според него, унгарската полиција е посветена на спречување илегални преминувања на мигранти на територијата на Европската унија и за таа цел им понудила поддршка на земјите од Западен Балкан.
– Главната задача на унгарската полиција е спречување и откривање на илегални гранични премини, патролирање на патиштата во непосредна близина на границата, како и соработка во откривање на трговци со луѓе и илегални мигранти, истакна Ретвари.
Унгарските полицајци кои ќе служат во Србија ги извршуваат своите должности под контрола и надзор на органите за спроведување на законот во земјата домаќин, додаде Ретвари.