Унгарија навести ново одложување на ратификацијата на членството на Шведска и Финска во НАТО

Шефот на кабинетот на унгарскиот премиер Виктор Орбан сигнализираше во саботата ново одложување на ратификацијата на членството на Финска и Шведска во НАТО во унгарскиот парламент и најави дека гласањето би можело да се одржи во втората половина на март./

Шведска и Финска по децениската тесна соработка со НАТО и покрај декларираната воена неутралност ја искористија руската инвазија во Украина и да побараат формализирање на членството во Северноатлантскиот воено-политички сојуз. За тоа е потребно одобрувањето на сите 30 земји членки, но особено Шведска се соочува со блокирањето на Турција поради одбивањето да ги испорача лицата кои Анкара ги бара под обвинување за тероризам а Стокхолм им дава политички азил, а особено по неодамнешните одобрувања за одржување на антитурски манифестации во шведската престолнина.

Процесот на ратификацијата на членството на Шведска и Финска се заглави и во унгарскиот парламент од ланскиот јули, а премиерот Виктор Орбан во петокот првпат изрази отворена загриженост во врска со членството на двете нордиски земји во НАТО. Ги обвини, меѓу другото, двете земји поради ширење „отворени лаги“ за состојбата на демократијата и владеењето на правото во Унгарија.

Орбан рече дека некои пратеници бараат дополнителни дискусии меѓу пратеничките групи пред гласањето за барањето за членство на двете земји, но навести дека тие расправи ќе започнат во среда.

Дневниот ред објавен на интернет страницата на унгарскиот парламент објавен на крајот од работната седмица, пак, сугерира дека конечното гласање би можело да се одржи во втората седмица од март.

Меѓутоа, шефот на кабинетот и советник на унгарскиот премиер Ѓергели Гулјаш во саботата оцени дека веројатно ќе биде потребно повеќе време.

„Парламентот тоа ќе го стави на дневен ред во понеделник и ќе ја започне расправата следната седмица. Според унгарската процедура, усвојувањето на законот трае околу четири седмици, така што парламентот би можел да гласа за тоа околу втората половина од март, во седмицата којашто започнува на 21-ви март“, рече Гулјаш на прес-конференција.