Унгарија повика на итни мировни преговори за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија

Унгарија повика на итни мировни преговори за ставање крај на војната меѓу Украина и Русија, предупредувајќи дека долготрајниот конфликт ќе поттикне економска криза која ќе им се заканува на владите ширум Европа, пишува Фајненшл тајмс.

„Брзиот прекин на огнот е единствената шанса за Европа да избегне рецесија, а европските премиери мора да се вразумат“, рече Балаш Орбан, политички советник на унгарскиот премиер Виктор Орбан, предвидувајќи дека другите влади на ЕУ ќе престанат да даваат воена помош на Украина и инсистираат на крај на конфликтот во следните неколку месеци, пренесува Индекс.

-Некои од унгарските партнери во ЕУ беа премногу желни да се борат против рускиот претседател Владимир Путин, што го вовлекува континентот во криза, рече Балаш Орбан, предупредувајќи дека треба да се откажат од стратегијата.

„Тие сакаат војна и веруваат дека можат да го победат Путин и да го окупираат Кремљ, тоа е нивната цел. На почетокот на конфликтот, барем во медиумите, тоа беше навредливо мислење, но би се обложил дека за четири месеци ќе се појави поголема рационалност“, рече Орбан.

Тој посочи дека Унгарија не сака да создава проблеми, но ги предупреди европските партнери дека ќе ја изгубат довербата на луѓето доколку продолжат да се обидуваат да се занимаваат со политика, без да ја видат реалноста.

Според него, постои страв бидејќи во моментов нема искрени дискусии за актуелната состојба, а главни цели во наредните месеци треба да бидат преговори и прекин на огнот.