Унгарија воведува мерки за доаѓања од различни земји

Унгарија од средата воведува нови ограничувања за патувањата со цел да го спречи ширењето на коронавирусот, најави во неделата шефот на кабинетот на премиерот Виктор Орбан.

Под новите правила унгарските државјани кои се враќаат од ризичните земји од „црвената“ или „жолтата“ листа ќе мора да минат здравствена проверка на границата и да одат во карантин. Карантинот може да се избегне единствено со приложување два негативни теста на Covid-19 стари најмногу пет дена.

Истите правила важат и за странците кои доаѓаат од земјите од „жолтата“ листа, додека на оние од „црвената“ влегувањето во Унгарија ќе им биде забранетo.

Унгарија ги укина повеќето ограничувања во мај и ги отвори своите граници за патниците од земјите на ЕУ и соседните трети земји.

Гергели Гулјаш рече дека новите ограничувања се потребни за коронавирусот да се задржи „надвор од границите“ и да се избегне повторното затворање на земјата“. „Овие рестрикции се поради заштита на нашите слободи“, рече Гулјаш.

Македонија, Албанија, Црна Гора и Украина, меѓу другите, се наоѓаат на „црвената“ унгарска листа. Србија, Бугарија, Романија, Русија, Шведска, Обединетото Кралство и Португалија се на „жолтата“ листа.

Транзитниот и товарниот сообраќај, како и деловните патувања се исклучоци, но ќе се спроведуваат здравствени проверки на границата.

Унгарија, која има околу 10 милиони жители, бележи 4.234 случаи на коронавирусот и 595 починати. Во неделата извести за пет нови случаи на зараза.