Унион Берлин со пресврт го сочува врвот во Бундеслигата

Унион Берлин и по 12-то коло од германското фудбалско првенство завршено во неделата остана водечкиот тим во Бундеслигата иако до десетина минути пред крајот губеше од Борусија Менхенгладбах за во последните секунди од дуелот да дојде до победата од 2:1.

Нико Елведи во 33 минута ги доведе гостите од Менхенгладбах во водство. Унион израмни во 79 минута кога топката во гостинската мрежа ја испрати Кевин Бехренс. На домашните во 86 минута поради офсајд им беше поништен погодокот што го постигна Кристофер Тримел, но практично во последната акција на мечот, во седмата минута од судиското продолжение, холандскиот бек Данило Доеки со глава ги погоди голот.

Со осмата победа сезонава Унион Берлин дојде до 26 бодови и ја задржа предноста од еден бод пред второпласираниот Баерн Минхен. Четвртопласираната Борусија Дортмунд има 22 бодови, додека Борусија Менхенгладбах со 16 бодови е на 10-то место.

Само што се вратија во Бундеслигата, фудбалерите на Шалке следната година би можело повторно да се најдат меѓу второлигашите, откако го доживеаја и седмиот последователен пораз, и тоа пред своите навивачи со 0:2 од Фрајбург.

Фрајбург до седмата победа сезонава дојде преку двојниот стрелец Италијанецот Винченцо Грифо. Првиот погодок го постигна во последните моменти од првиот дел, а за 2:0 во 61 минута беше прецизен од пенал.

Фрајбург сега со 24 бодови го задржа третото место, додека Шалке со шест бодови, колку што имаше и во петтото коло, остана на дното на табелата, пет бодови помалку од зоната на опстанок.

Во последниот дуел од колото Келн и Хофенхајм одиграа без победник 1:1. Домашните поведоа преку Флоријан Кајнц во 13 минута, а гостите израмнија преку 35 минута со голот Јакоб Бруун Ларсен.

Хофенхајм остана на седмото место со 18 бодови, колку што имаат и Вердер и Мајнц, а Келн со бод помалку е 10-ти.