Со пламените јазици што ја зафатија Универзалната сала, како да изгореа и последните надежи кај скопјани дека повторно ќе „оживее“ симболот на градот, за што се врзуваат бројни спомени од неговата изградба во 1963 година.
Следејќи ја веќе добро утврдената практика за префрлање на вината од еден на друг, сѐ оди во правец на амнестирање од одговорност на вистинските виновници, а прстот и овој пат, веројатно ќе се посочи кон „несреќниот кабел“. Барем така наговести сопственикот на фирмата изведувач на градежните работи, „Универзал Балкан“-Скопје, кој претпоставува дека е можно пожарот да бил предизвикан од стар кабел или од старата инсталација.
За среќа во моментот на пожарот внатре немало работници бидејќи за денеска не биле планирани градежни активности. Пожарот во Универзалната сала кој е локализиран се случи во стариот дел и гореле стари материјали, иверки, плочки, а новиот дел не бил зафатен.
И додека денеска гореше Универзалната сала, во тек е јавна набавка за избор на изведувач за покрив и за фасада на објектот. Рокот истекува на 14 април, а вредноста на градежните работи е проценета на 13 милиони евра. Но, интересно е тоа што деновиве повеќе домашни градежни компании кои сакале да учествуваат на тендерот, обвинија дека Министерството за култура поставува „чудни услови“.
Според нивните тврдење, поставени се услови во јавната набавка за да може само одредена компанија да ги исполни за да го добие тендерот.
Според нив, еден од критериумите е фирмата која ќе се пријави да има минимален приход 20 милиони евра (без ДДВ) годишно, во последните три години, односно во 2020,2021 и во 2022 година. Дург чуден за нив услов е компаниите кои ќе се пријават да имаат претходно минимум од 3 (три) договори за вршење на градежно-занаетчиски работи на објекти склучени во последните 5 (пет) години, од кои најмалку 1 (еден) успешно извршен договор за објект од областа на културата со вредност од помалку од 20.000.000 евра со ДДВ. Тврдат дека овие два услови се многу ограничувачки и оти најголем дел од македонските градежни фирми не можат самостојно да ги исполнат овие барања, ако немаат меѓународни партнери.
Од друга страна, додаваат тие, има критериуми кои се многу слаби. Според нив, еден од таквите е условот дека фирмите кои е се пријават на тендерот мора да имаат персонал од 1 (еден) градежен инженер со минимум Б лиценца, 1 (еден) архитект со минимум Б лиценца, 1 (еден) електроинженер со минимум Б лиценца, и 1 (еден) машински инженер, исто така со минимум Б лиценца.
Тие се сомневаат дека можеби министерството за култура веќе однапред има одреден добитник на објавената јавна набавка, која всушност е втор дел. Претходно, поточно првиот дел од тендерот го доби фирмата Универзал Балкан, од Скопје, која веќе и ги извршува работите за реконструкција на покривот и на фасадата на Универзална сала.
„Моделот на цена исто така е чуден. Не се бара приложување на целосниот предмет, односно документ кој се користи при тендерите во градежната индустрија, во кој се наведени материјали, делови и работна сила, поточно ги детализира условите за изградба. Тоа цениме е многу нетранспарентно“, велат незадоволните домашни градежници.
Министерката за култура Бисера Костадиновска- Стојчевска повика на брзо расчистување на причините за пожарот во Универзална сала. Непосредно по пожарот рече дека нема жртви и нема повредени бидејќи објектот бил празен. Таа појасни дека објектот е осигуран и ќе се санира од тие средства.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени тројца градежни работници кои изведувале работни задачи во моментот на пожарот во објектот. Станува збор за Б.Р. (50), З.Т. (60) и Б.И. (53).
Од ВМРО-ДПМНЕ денеска поосчија дека штетата која СДСМ ја направи по Универзалната сала е непроценлива.
„Подолг период наназад прашуваме кога е распишана набавката за реконструкција на Универзална сала, зошто на сајтот на Бирото за јавни набавки таква набавка од страна на министерството нема. Прашавме кој е избран за изведувач и на кој начин? Кој е надзор и, исто така, како е избран надзорот, но одговори не добиваме. Но затоа, веќе, вчера дознавме дека градежните фирми во Македонија реагираат на условите кои Министерството за култура ги бара од изведувачот, а салата сепак се гради. Па оттука прашуваме како Ковачевски и Бисера Костадиновска градат, а изведувач нема?, истакна Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.