Универитетот на централна Европа (CEU), кој го основа американскиот берзански шпекулант со еврејско-унгарско потекло, Џорџ Сорос, соопшти во понеделникот дека во есента 2019 година ќе се пресели од унгарската престолнина Будимпешта во австриската Виена, откако повеќе од година и половина не успеа да постигне компромисен договор со владата на Виктор Орбан.
„CEU е принуден да ја напушти Будимпешта“, се наведува во соопштението на институцијата основана во 1991 година, којашто е во судир со унгарската влада од поодамна, имајќи ги предвид обвинувањата дека неолибералниот милијардер ги поттикнува преку својата мрежа невладини организации масовните имиграции на нехристијаните во Европа, како и дека ги организира протестите против конзервативните и десните влади.
Преселувањето на универзитетот треба да започне во септември. Од основањето на CEU дипломата на меѓународните студии кои се одвиваат на англиски јазик ја добиле повеќе од 10.000 странски студенти. Проблемите започнаа кога унгарската влада во април 2017 година донесе закон со кој сите универзитети во Унгарија се задолжителни да имаат сопствен кампус и универзитет во матичната земја, а Соросовиот универзитет го нема тоа во САД. Од CEU наведуваат дека последните месеци ги завршиле неопходните работи во САД и дека одлуката на унгарските власти била „самоволна“, и оти жалат зашто со неа не е постигнат договор.
Иднината на овој универзитет побуди загриженост во ЕУ, која смета дека нејзината членка Унгарија со оваа одлука ја довела во прашање академската слобода. Брисел се разидува со унгарскиот премиер Виктор Орбан и по други прашања, а го обвинува дека ги крши темелните вредности на ЕУ и дека задира во правната држава.
Новите студенти кои ќе сакаат да стекнат сега американски дипломи на CEU од есента 2019 година, ќе студираат во австриската престолнина, а на оние кои веќе ги започнале меѓународните студии во Будимпешта ќе им биде овозможено да ги довршат.