Уплатени се вакцини за 400.000 граѓани, аплицирано е за уште 800.000 дози

Околу ситуацијата со вакцините, Зоран Заев на денешната прес-конференција објасни дека Македонија има уплатено за вакцини за 400 илјади граѓани преку Ковакс механизмот. Дополнително земјата аплицирала и за дополнителни 800 илјади преку друг механизам на ЕУ.

Понатаму, тој кажа дека земјава започнува преговори за директна набавка од производителите на вакцини за ковид-19. За складирање на вакцините, тој кажа дека се набавуваат фрижидери за сите типови на вакцини.

– Имаме уплата за 833 илјади вакцини за популација од 400 илјади граѓани за вакцинација и ревакцинација во рамките на ковакс механизмот. Согласно планот за дистрибуција, вакцините се очекуваат во првите месеци од 2021 година. Покрај овој механизам, започнуваме преговори и за директна набавка од компании кои ги произведуваат вакцините. Предвиден е и трет механизам преку Европската унија која е во постапка за набавка за 200 милиони дози за земјите членки и за уште дополнителни 100 милиони за земјите од Европа надвор од ЕУ. Ние аплициравме за дополнителни 800 илјади дози од овие 100 милиони. Се подготвуваме и набавуваме фрижидери за секој тип вакцини и за сите температури. Ова е така бидејќи ќе има повеќе достапни вакцини кои сигурно ќе ги користиме, а се складираат на различни температури – кажа Заев.

Премиерот се заблагодари на Грција и на Бугарија кои помогнале во набавката на вакцини за нашата земја.

Тој објасни дека Бирото за јавни набавки треба да најде решение како да се набават директно вакцините, бидејќи за јавни набавки се потребни огласи и тендери, а сега ни треба брзо решение за да ги почнеме преговорите со производителите.

– Од Бирото не очекуваме одговор „не може“, туку да најдат начин како тоа да се изведе – рече Заев.