Уривањето на побарувачката ја закочила индустријата во еврозоната во октомври

Активностите во индустријата на еврозоната паднала и во октомври, најсилно од првиот бран на пандемијата на Covid-19, притисната од остриот пад на побарувачката во услови на сѐ подлабока криза на животните трошоци, покажа во средата објавеното месечно истражување на S&P Global.

Индексот на менаџерите на набавките (PMI) во индустријата во еврозоната паднал во октомври за два индексни поени во однос на септември, на 46,4 поени, што е најниското ниво по речиси две ипол години, известува S&P Global благо намалувајќи ја почетната процена.

Вредностите пониски од 50 поени сигнализираат пад на активностите.

„Падот во секторот на производството на стоки во еврозоната е продлабочен на почетокот од четвртото тримесечје. Анкетите на PMI сега јасно сигнализираат дека производственото стопанство е во рецесија“, изјави економистот на S&P Global Market Intelligence, Џо Хејес.

Главната причина за падот, според изјавите на менаџерите, е намалената побарувачка во целата еврозона, но и во другите делови од светот, се истакнува во соопштението.

Индексот на новите нарачки паднал на само 37,9 поени, и покрај благото попуштање на инфлаторните притисоци.

„Новите нарачки паднале во октомври во темпото какво што ретко го гледавме во текот на 25-те години историја на собирање на податоците, посилен пад е забележан само во текот на најлошите месеци од пандемијата и на врвот на глобалната финансиска криза меѓу 2008 и 2009 година“, истакнува Хејес.

Имајќи предвид дека не се гледа крајот на војната во Украина, ниту стишување во растот на трошоците за енергијата, расположението се спуштило на најниското ниво од мај 2020 година, на врвот од првиот бран на пандемијата на Covid-19.

„Расположението на производствените компании се задржало во октомври во негативната област, што сигнализира процена на компаниите дека предизвикувачките услови ќе се пролонгираат уште долго во 2023 година“, вели стручњакот на S&P Global Market Intelligence.