На вториот ден од четиридневниот прекин на огнот, се очекува денеска да бидат ослободени уште 14 заложници на Хамас. Во замена, израелските власти треба да ослободат 42 палестински безбедносни затвореници, по клаузулите од договорот за прекин на огнот.
Изат Ал Ришек, висок функционер на Хамас, изјави дека терористичката група во саботата го доставила списокот на заложниците што треба да се ослободат и дека го добила списокот на затвореници од Израел. „Сè оди добро без никакви пречки. Со стремеж привремениот прекин на огнот да стане траен“.
Според израелските затворски служби, постапката за ослободување на 42 палестински безбедносни затвореници, мажи и жени, треба да започне во 13:30 часот по локално време. Тие прво треба да бидат префрлени во затворот Офер на Западниот Брег каде што ќе ги чека претставникот на Црвениот крст и ќе ги пренесе до соодветните контролни пунктови откако ќе се потврди ослободувањето на заложниците на Хамас.