По целосната реализација на проектот за обновување на опремата за прикажување филмови во киносалите во 14 центри за култура, на почетокот од 2014 година дигитални кинопроектори ќе добијат и центрите за култура во Кратово, Радовиш, Ресен и во Пробиштип.
Оваа одлука за дополнување на проектот што го реализираше Националната установа Филмски фонд е во контекст на заложбата да заживее киномрежата во нашата држава, како и поради големиот интерес на граѓаните за филмската уметност во градовите кои добија кинопроектори.
Во два наврата во изминатиот период беа набавени и монтирани нови дигитални проектори со кои беа опремени центрите за култура во: Кочани, Куманово, Неготино, Струга, Охрид, Кичево, Прилеп, Велес, Тетово, Гостивар, Струмица, Крива Паланка и Дебар.
Реализацијата на овој проект на Министерството за култура имаше многу придобивки во контекст на развивање на филмската култура во Република Македонија и предизвика огромен интерес кај граѓаните кои проследија многу нови светски остварувања, како и домашните филмови кои во изминатиот период беа реализирани преку Филмскиот фонд.
Годинава беа набавени и најквалитетни проектори за двата најголеми фестивали во нашава држава – Фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“ и Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“, со што овие еминентни фестивали добија современи услови за проекција на филмови со најнова технологија.