Изборот на Владо Бучковски, за официјален претставник на македонската Влада во разговорите (или преговорите или договорањата) со Бугарија не е ништо друго освен обид да се направи привид дека Зоран Заев се труди нешто да испреговара, особено имајќи го багажот што го носи зад себе од вчера промовираниот поранешен премиер и лидер на СДСМ.
Социјалдемократите колку и да се дистанцираат од својот поранешен партиски челник Бранко Црвенковски, сепак, не се откажуваат од надвладувачките манири за манипулирање и со јавноста и со личности. Така, од една страна, можеби се во право оние кои сметаат дека изборот на Владо Бучковски е барање жртвен јарец во однапред потпишаната капитулација пред Софија. Како што своевремено СДСМ договорот за „привременото“ име на земјата со кое нѐ впишаа во ОН и кое дефинитивно значеше дека името на Македонија мора да се смени а што го финализираше Заев, му беше подметнат за потпис на покојниот тогашен шеф на дипломатијата Стево Црвенковски. Меѓутоа, сега очигледно реализаторот на докусурувањето на Македонија по секоја основа – Заев, не успева околу себе да најде доброволец кој ќе стави параф на договорот кој следува. И, според сѐ судејќи, и покрај жестоките реакции во македонската јавност, ова ново замајување од страна на власта ќе заврши со дипломатско фијаско на Заев, но, за жал, со нова трагедија за Македонија. Затоа, Бучковски се јавува како податлива личност, која го загубила својот целосен политички кредибилитет, да заокружи веќе еден однапред договорен процес.
Изборот на Бучковски за „специјален“ на Заев, веројатно потекнува и од тоа што и двајцата редовно се споменувани во финансиски дубиози. Колку за потсетување, крупната афера на Бучковски беше уште во времето кога како кадар на СДСМ беше министер за одбрана во конфликтната 2001, со аферата која заврши со политички договор за разрешница за криминалната продажба на тенковски делови. Но, истовремено и поради многу интриги неотворена правнa ситуација кога бугарска муниција влегуваше и истовремено излегуваше од македонските касарни, а најмногу по „бонбона“ бизнисот со продажбата на ЕСМ, по најмалку десет пати пониска цена од проценетата, земањето кеш и продажбата на клучната државна акција во Телеком, аферата „Бачило“ итн. Ваквата заднина во деловно-финансиските операции веројатно е причината за чувството на меѓусебна близина и доверба меѓу Заев и Бучковски.
На размислата дека станува збор за избор на жртва која ќе го дефокусира вниманието на јавноста во врска со разговорите со Софија од Заев, поттикнува и фактот што Бучковски е единствениот премиер кој на следните избори го претпрел најтешкиот пораз, губејќи во 2006 година половина од пратеничките мандати и нанесувајќи му на СДСМ толкава политичка штета, што партијата не можеше да се опорави од изборни порази цела една деценија, а да не беа интригите во 2016-та можеби и подолго. Толкав е, имено, капацитетот за лидерство и водење политики на Бучковски.
Меѓутоа, она што сигурно е „квалитет“ на Бучковски за да биде избран од Заев и сега неговиот специјален пратеник – како професор по римско право, е што од позиции на власт има преземено конкретни чекори кои ја насочуваа постепено земјата до нејзина реконфигурација и по етничка основа. Еден од таквите потези беше повлекувањето со помош на партистките инсталации во армијата пролетта 2001-та на војската од линијата во Тетовски, и покрај спротивната одлука на покојниот претседател Борис Трајковски како врховен командант, кога ОНА на Али Ахмети дефинитивно се појави непречено во регионот и практично се легализираше. Потоа следуваше, логично коалицирање на СДСМ со трансформираната групација на Ахмети и заокружување на проектот за нова територијална поделба со кои дотогаш доминатно македонските општини Струга и Кичево беа преобликувани со додавање на доминатно албански подрачја од териториите на другите општини. Поради тоа, Бучковски кон крајот на јули 2004 година во обидот да ги разубеди сопартијците од СДСМ да излезат од „Кризниот штап за опстанок на Општина Струга“ остана со часови блокиран во партиското седиште од каде дури по бруталната интервенција со шок-бомби, солзавец и гумени куршуми од страна на специјалната полиција беше евакуиран и пренесен во Скопје, а по неколку месеци стана и премиер.
Се разбира, тоа не беше политичка одлука само на Бучковски, туку континуитет на СДСМ во однос на рекомпонирањето на македонската држава, кој го продолжува и Заев со отстапките кои ги направи во двата меѓудржавни договори. А Бучковски, ете, веќе и има искуство во таквите операции.
Освен тоа, непознато е кои се неговите „добро изградени односи“ во Бугарија кои може да придонесат за омекнувањето на бугарскиот забетониран став во преговорите со Македонија. Се памети неговата дружба со тогашниот бугарски премиер Сергеј Станишев, за кого своевремено Бучковски во развеселена атмосфера кажа дека по мајка имал македонски корени (иако овој е роден во Украина), од сега опозициските бугарски социјалисти, кој исто како и него БСП ја турна во децениска опозиција и подреденост на ГЕРБ на Бојко Борисов. Но освен тоа, за јавноста голема непознаница се вистинските политички реалации на Бучковски во Бугарија и како тој вистински би влијаел. Можеби станува збор за деловни. Зашто и владеењето на Станишев беше проследено со обвинувања и скандали за коруптивни зделки, а што се однесува до македонско-бугарските односи во својот мандат единствено што стори беше обвинувањато на медиумите, исто како и сега од официјална Софија, за влошувања на меѓусебните односи.
Во секој случај реакциите во домашната јавност веднаш покажаа какви се оцените за ангажманот на Бучковски. А тој самиот, пак, и покажа што Македонија може да очекува од него, освен сервилност. И тоа не кон извршување на вистински задачи кои му се поставуваат од надворешните партнери, туку вообичаено за СДСМ според нивното толкување на приоритетите кои редовно се поврзани со материјални бенефити.
А Бучковски само неколку часа по објавата дека станал официјален претствник на Заев во Софија го демонстрираше својот „квалитет“ во полтронство и даде исто толку скандалозно интервју за бугарски медиум, како она на премиерот за БГНЕС.
Бучковски рече дека Македонците постојат од 1944-та, а Бугарите дека се постар народ и нација од нив, како и дека, според него, Македонците и Бугарите говорат ист јазик.
„Според мое мислење ако се тргне од Договорот со Бугарија, официјално ние прифаќаме дека сме имале заедничка историја. И тоа е непобитен факт, но тврдењето дека ние всушност сме еден народ во две држави во овој момент во Република Македонија ако се тера таа теза ќе направи повеќе штета отколку корист. Јас сум приврзаник на оние кои што не се мнозинството. Од 1944-та до 91-ва силната пропаганда која беше на дело ги оддалечи природните сојузници, Македонците и Бугарите. Неспорно е дека имаме заедничка историја, неспорно е дека бугарската нација, бугарскиот народ е создаден пред македонскиот. Неспорно е дека тоа е официјален став и на Бугарија, дека нема проблем со создавањето на македонската нација од 1944-та година, историчарите да излезат од рамките на она што беше историографија во времето на комунизмот“, рече Бучковски.
Можеби станува збор за немањето сенс за дипломатија или, можеби, токму неговата прва изјава во којашто длабоко го навреди, според негово тврдење, сопствениот народ многу добро укажува што може да се очекува од Бучковски. И, веројатно, по ваквите негови размисли и изјави веќе не треба да постојат двоумења што може да се очекува од неговата „мисија“ и за што Заев всушност преговара со Софија.