Во текот на минатата недела и викендот, царинските службеници спречија еден обид за криумчарење на мигранти и повеќе обиди за криумчарење стока, при што привремено се задржани рачни часовници, бижутерија, автоделови, цигари, средства за хигиена, природни сирупи, метал-детектор, фалсификати и друго.
Во непосредна близина на граничниот премин Богородица, царинските инспектори лоцирале товарно моторно возило со турски регистарски таблички, натоварено со стока со потекло од Турција, наменета за увозник од Македонија, под царински надзор било упатено кон царинската испостава Скопје 2. Непосредно пред истовар на стоката, бил извршен преглед на возилото, при што помеѓу палетите во предниот дел на камионот биле откриени две лица, илегални мигранти со потекло од Пакистан.
Лицата биле внесени во возилото од страна на лице – организатор, кој им ветил дека ќе бидат превезени до нивната крајна дестинација за надокнада од 500 евра по лице. Организаторот ги довезол до паркинг просторот во близина на македонско – грчка граница, каде било паркирано товарното возило, ја скинал сајлата од бочната страна на возилото и без да бидат оштетени царинските обележја, успеал да ја отвори задната врата и да ги внесе лицата во товарниот дел на возилото.
По завршување на постапката од страна на царинските инспектори, мигрантите биле предадени на инспектори од отсекот за прекуграничен криминал и миграција при МВР.
Меѓу заплената се 135 рачни часовници, кои што се откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на автобус со турски регистарски таблички, пријавен за влез во државата. Непријавените часовници биле пронајдени во две црни кеси, сместени под седиштето на патничка во автобусот, македонска државјанка. Вредноста на часовниците е проценета на околу 54 илјади денари.
Царинските службеници запленија и седум модни додатоци-бижутерија (гердани, обетки и копчиња за кошули), откриени при извршен детален преглед на стока со потекло од Кина, наменета за увозник од Кратово, пријавена за увозно царинење на царинската испостава Скопје 1.
Во заплената се два резервни дела за товарно возило марка DAF (вентил и сушач на воздух), откриени на граничниот премин Богородица, при контрола на товарно возило со македонски регистарски таблички, управувано од македонски државјанин, пријавено за влез во државата. Непријавените делови биле пронајдени во црна кеса, сместена под креветот, во кабината на возилото.