Двајцата демонстранти кои на денешното рочиште го признаа делото добија условни казни, другите двајца негираа вина и нив ќе им се суди во петок кога ќе им бидат пуштени и видео снимките од протестите.
– Не се сеќавам дека сум удрил полицаец, дојдов поднапиен, а да не бев под алхохол сигурно до тоа немаше да дојде, откако ја призна вината вака еден од демонстрантите го оправда своето насилно однесување на протестите.
Судот го осуди на условна казна затвор, ама ќе мора една година да ја лечи зависноста од алхохол на психијатрија. Ако не ја прима терапијата редовно, тогаш социјалниот работник ќе го извести судот и ќе оди во затвор.
Скопјанецот зад себе брои повеќе од 60 неуспешни лекувања, а судот го предупреди дека овој пат освен здравјето мотив треба да му биде и слободата. И докторите во вештачењето констатирале дека обвинетиот е хроничен алхохоличар, а во моментот на протестите во крвта имал околу 3 промили.
Вториот демонстрант кој призна дека на 5-ти мај бил дел од насилните протести пред Владата судот му пресуди условно три месеци.