Православните христијани денес го празнуваат големиот празник Успение на Пресвета Богородица, во народот познат и како Голема Богородица.
Празникот Успение на Пресвета Богородица се слави на петнаесетиот ден од месец август според стариот календар, односно на 28-иот според новиот календар. Нему му претходи двонеделен Богородичен, или Преображенски пост.
Празникот го слави успението, воскреснувањето и прославувањето на Пресвета Богородица
Овој празник го слави успението, воскресението и прославувањето на Пресвета Богородица, и нејзиното преселување во Царството Божјо во полнотата на нејзиното духовно и телесно постоење.
Христијаните веруваат дека, како и Исус, и Богородица по смртта воскреснала и заминала на небото, како со душата така и со телото. Оттаму и називот успение, што значи искачување.
Според црковното предание, Богородица го завршува својот живот тивко и мирно без никакви болести и страдања и по смртта на нејзиниот син Господ Исус Христос, таа честопати се молела заедно со апостолите Господ Бог да ја земе нејзината душа и да ја пресели на небото. Доживеала длабока старост.
За време на една молитва во Леонската Гора, светиот Архангел Гаврил и’ се јавил и и’ рекол дека за три дни ќе се пресели од овоземниот во небесниот живот. Таа му ја кажала веста на свети апостол Јован, кој, пак, требало да се грижи за неа до крајот на нејзиниот живот.
Свети апостол Јован ја објавил веста, која бргу се проширила и сите доаѓале кај Пресвета Богородица да и’ оддадат почит додека се’ уште е жива. Сево ова се случувало во куќата на светиот апостол Јован каде што Богородица му ја предала својата душа на Господ Исус Христос. Била опкружена со голем број ангели и архангели. Се создал шум и голем облак, а пристигнале сите апостоли да и’ оддадат чест. Меѓу нив не бил само светиот апостол Тома, по божја промисла. Тој бил далеку од другите апостоли, бидејќи го проповедал христијанството. Богородица првин легнала на одарот и во тоа време во целосна светлина дошол Господ Исус Христос, а таа станала и рекла: „Душата моја го велича Господа и духот мој се зарадува во него“. Веднаш потоа повторно легнала и заспала.
Кога Пресвета Богородица им се јавила на присутните во својот гроб, во нејзина целосна слава и величина, тогаш тие поверувале дека таа од ангелите божји е воздигната од земјата на небото во придружба на голем ангели и архангели, серафими, херувими и светители. Тоа е преминот од земното кон небесното царство, односно од земниот кон вечниот живот.
Голема Богородица – заштитник на сите христијани и на градот Скопје
Празникот Успение на Пресвета Богородица е еден од дванаесетте најголеми христијански празници, посветен на денот кога таа се преселила на небото.
Богородица се смета за заштитник на сите христијани и на градот Скопје. Традиционално, масовен црковно-народен собир се одржува во манастирот во Долна Матка. Во манастирот во Матка, освен вечерна литургија, духовна академија, полноќно бдеење, ќе има и културно-забавна програма.