Усвоена Уредба за примена на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој

Владата на денешната 39-та седница ја усвои Уредбата со законска сила за примена на Законот за основање на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за време на вонредна состојба.

Со одредбите се регулираат роковите за одлучување по барањата за одобрување на финансиска поддршка и исплата на финансиска поддршка, за склучување на договори за финансиска поддршка, намалување на финансиска поддршка поради неисполнување на договорни обврски од договорите за финансиска поддршка, за дополнување или дообјаснување на барањата за финансиска поддршка, за роковите за реализација на инвестициите предмет на договорите за финансиска поддршка, извршувањето на контроли на лице место на договорите за финансиска поддршка, кои истекуваат или ќе истечат за време на траењето на вонредната состојба, да се одложат и да се продолжат за 60 дена по престанокот на траењето на вонредната состојба.

Како што соопшти владината прес-служба, роковите определени во договорите за финансиска поддршка за реализација на инвестицијата, престануваат да течат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат да течат по истекот на траењето на вонредната состојба, но само за онолку денови колку што престанале и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба.

Согласно оваа Уредба, роковите за доставување на барања за финансиска поддршка определени во јавниот повик за доставување на барања за финансиска поддршка по ИПАРД Програмата 2014-2020, се одложуваат за време на траењето на вонредната состојба и продолжуваат да течат по престанок на траењето на вонредната состојба.