На 28 јануари ќе биде закажана седницата за избор на техничката влада, а потоа и втора седница за избор на дополнителните заменици министри, како и за верификација на мандат на пратеник.
Џафери изјави дека составот на техничкиот владин кабинет ќе биде целосен ако опозициската партија номинира свои предлози, наспроти премиерот Димитар Ковачевски кој изјави дека е можно местата за предлозите за министри од ВМРО-ДПМНЕ да останат празни во предлог составот на владиниот кабинет откако опозициската партија најави дека ќе номинираат свои министри во техничката влада но дека нема да гласаат за влада предводена од Џафери.
„Ако имаат предлози ќе бидат во предлог составот на владата. Нема пречка да не бидат, таков е законот“, изјави Џафери.
Претседателот на Владата Димитар Ковачевски и претседателот на Собранието Талат Џафери, кој е мандатар на техничката влада, оставки ќе поднесат утре, со што почнуваат и крајните рокови за составување на преодната влада, која се носи сто дена пред изборите за пратеници на 8 мај.
Џафери денеска на средба со новинарите објасни како ќе течат постапките, но исто така рече дека ако има предлози нема пречка министрите на ВМРО-ДПМНЕ да не бидат дел од техничката Влада.
На седницата во петок, која е прва наредна седница, ќе бидат констатирани оставките на премиерот и неговата, а потоа пред да се гласа дневниот ред, ќе се предложи нова точка – избор на претседател на Собранието.
По изборот, во случајов на Јован Митрески за претседател на Собранието, тој ќе извести претседателот дека од име на мнозинската коалиција во Собранието е избран за претседател“.
На 26 јануари, како што објасни Џафери, претседателот на државата Стево Пендаровски треба да му го довери мандатот за премиер на техничката Влада и роковите ќе почнат да течат.
На 27 претпладнето Џафери до Собранието треба да достави програма и состав на Владата, а седницата за избор треба да биде свикана на 28 јануари.
Како што појасни за да се комплетира техничката влада, ќе биде свикана уште една седница на која треба да се гласа за дополнителните заменици министри и за верификација на мандат на пратеник.