Утре се очекуваат 10 илјади вакцини на „Фајзер“

Утре се очекува во земјава да пристигнат 10 илјади вакцини на „Фајзер“, а исто толку се очекува да стигнат и на 26 април. Вакцините утре со авион ќе стигнат во Софија, а попладнето со специјален транспорт ќе дојдат во Скопје.

Кон крајот на април ќе дојдат и 200 илјади кинески вакцини, а вакцинирањето ќе продолжи по истиот систем како и досега односно по возрасни групи.

Во земјава досега се вакцинирани околу 35 илјади граѓани, од кои околу 13 илјади ја примиле вакцината на „Астра Зенека“, од која има уште 10 илјади на располагање. Нешто помалку од три илјади има од руската „Спутник-В“ и илјада од кинеските вакцини. Во СЦ „Борис Трајковски“ се вакцинираат граѓани на 73 и 74 години со поредуцирани термини од претходните денови, бидејќи често доаѓаат со придружба.

Министерот за здравство Венко Филипче завчера ја оцени како стабилна состојбата во болниците и рече дека нема некој голем и неконтролиран наплив на пациенти во сите јавно-здравствени установи во Скопје и насекаде во државата. Тој очекува во наредниот период бројот на хоспитализации да почне да се намалува.

Смета дека мерките даваат резултати, но потребно е максимално да се придржуваме до нив за да го надминеме и овој епидемиолошки бран.

Филипче рече дека граѓаните ќе можат да испитуваат антитела на товар на Фондот, но ќе бидат потребни одредени критериуми и нема да може тоа да го прави секој.

– Разговарав со директорот на Институтот и заклучивме дека, сепак, има индикации да се прават испитувања за антитела. Се договоривме, да се врати повторно одлуката да се прават тие испитувања на антитела на товар на Фондот во Институтот за биохемија, но под одредени критериуми, да не биде дека кој било може да го направи тоа испитување оти финансискиот товар е многу голем, истакна министерот.

Според податоците кои вчера ги објави Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 824 случаи на Ковид-19 од направени 3.988 тестирања. Оздравеле 682 пациенти, а починале 31, од кои најмладиот е на 38-годишна возраст.

Вкупната бројка на ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 146.733. Бројката на оздравени пациенти е 122.121, на починати 4.419, а бројот на активни случаи изнесува 20.193.

Од Министерството за здравство вчера информираа дека вкупно 702 лица сомнителни и потврдени за Ковид -19 се лекуваат на инфективните оддели во главниот град, додека во другите градови во земјава се лекуваат вкупно 998 пациенти. Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на корона вирусот кои се лекуваат на инфективните оддели во Скопје и во болниците низ земјава е 1699 и има околу 335 празни болнички кревети во ковид центрите.