Извозот на стоки од еврозоната во остатокот од светот во септември порасна за 10 отсто на годишно ниво, на 209,3 милијарди евра, според првата проценка на Евростат. Увозот на стоки во 19-члениот монетарен блок од остатокот од светот изнесува 202 милијарди евра, што е скок од 21,6 отсто во однос на септември 2020 година, објавено е на веб-страницата на Евростат.
Како резултат на разликата меѓу увозот и извозот, еврозоната забележа трговски суфицит од 7,3 милијарди евра во септември, наспроти суфицитот од 24,1 милијарди евра во тој месец минатата година.
Трговијата со стоки меѓу земјите што користат евро се зголеми за 16,4 отсто во извештајниот месец на 191,5 милијарди евра, на годишно ниво.
Евростат ги објави и резултатите од деветмесечната трговија со стоки, според кои извозот од еврозоната во периодот од јануари до септември 2021 година е зголемен за 14,7 отсто, достигнувајќи 1,77 билиони евра, додека увозот пораснал за 17,7 отсто на 1,64 билиони во однос на истиот период лани.
Деветмесечниот суфицит во надворешната трговија изнесува 131,9 милијарди евра.