Сеул и Вашингтон разговараат за можни нуклеарни вежби во контекстот на сѐ поголемите нуклеарни и ракетни закани од Северна Кореја, вели во јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол во новинско интервју.
Според весникот Chosun Ilbo, претседателот Јун рекол дека заедничкото планирање и вежбите ќе бидат насочени на поефикасно спроведување на американското „проширено одвраќање“. Овој поим ја означува способноста на американската војска, во прв ред нејзините нуклеарни сили, да го одвратат напади врз сојузниците на САД.
„Нуклеарното оружје им припаѓа на Соединетите држави, но планирањето, размената на информации, вежбите и обуката треба заеднички да ги спроведуваат Јужна Кореја и Соединетите држави“, рекол Јун и додал дека Вашингтон е „доста позитивен“ во однос на оваа идеја.
Изјавата на Јун следи само ден откако севернокорејските државни медиуми известија дека тамошниот водач Ким Џонг-ун повика на развој на нови интерконтинентални проектили и зголемување на нуклеарниот арсенал за спротиставување на заканите од САД и откако ја оцени ситуацијата кога „јужнокорејските марионети“ очигледно станале „недвосмислен непријател“ на Северна Кореја.
Северна Кореја истрела во новогодишната ноќ нов балистички проектил со кус дострел од својот источен брег. Ден претходно лансираше три балистички ракети, со што ја заокружи 2022 година којашто беше одбележана со рекорден број тестирања разни видови проектили.