Јужна Кореја се согласи Јапонија да испушти во океанот радиоактивна вода од Фукушима

Јужна Кореја во петокот објави дека планот на Јапонија да испушти наводно прочистени радиоактивни води од нуклеарната централа во Фукушима ги задоволувала глобалните безбедносни стандарди и дека е во согласност со надзорното тело на Обединетите нации кое го одобрило.

Јапонија планира наскоро да почне да испушта во океанот повеќе од милион тони третирана радиоактивна вода која досега била складирана во нуклеарната северно од главниот град Токио и која главно се користела за ладење на реакторите уништени во гигантското цунами од 11-ти март 2011 година по разорниот земјотрес со магнитуда од 9 степени по Рихтер.

Јапонија, и дома и во странство, особено во Јужна Кореја, наидуваше на отпор за овој план, и покрај уверувањата дека водата, откако била наводно филтрирана за да се отстранат повеќето изотопи, е безбедна.

Меѓутоа, јужнокорејскиот министер Банг Мун-кјиу за новинарите изјави дека врз основа на повторни проверки на јапонскиот план, може да потврди дека концентрацијата на радиоактивниот материјал е таква што дозволува испуштање на третираната вода во океанот.

„Планот ги задоволува меѓународните стандарди, вклучително и оние кои ги пропишала Меѓународната агенција за атомска енергија“ (МААЕ – IAEA)“, рече Банг. Повикувајќи се на МААЕ, јужнокорејскиот министер рече и дека таа вода ќе има „занемарлив радиоактивен ефект врз луѓето и животната средина“.

Во процената за штетноста учествувале стручњаци од 11 земји, вклучително и експерти од самата Јужна Кореја, како и од САД и од Кина, којашто, сепак, е сомничава во целосната безбедноста на третираната радиоактивна вода.

Од друга страја, јужнокорејската опозиција ја критикуваше владата во Сеул поради согласноста со јапонскиот план и смета дека овој случај треба да се изнесе пред Меѓународниот суд за правото на морињата.

Покрај тоа, кинескиот стручњак кој учествуваше во процената изјави дека е разочаран од „избрзаниот“ извештај, како и дека треба да се очекува дека Пекинг и натаму ќе се спротиставува на овој план.

Покрај тоа, иако Јужна Кореја ја дала својата согласност за испуштање на радиоактивната вода во океанот, забраната за увоз на храна и морски плодови од регионот во кој се наоѓа Фукушима и натаму останува на сила. Сепак, водата од овој регион, без разлика на тоа колкав степен радијација ќе има, бездруго ќе се помеша со водите во другите подрачја, се предупредува.

Контаминираната вода е третирана со ALPS методата низ систем за филтрација која наводно отстранила поголем дел од радиоактивниот материјал. Меѓутоа, не постои практичен начин да се отстрани тритиумот, радиокативниот изотоп на водородот.

Радијацијата на тритиумот, кој има време на полураспаѓање од 12,3 години, може да биде опасна по здравјето, но Јапонија тврди дека во испуштената вода од Фукушима радиоактивните дози ќе бидат помали од 40-от дел од меѓународните безбедносни стандарди, што е една седмина од количеството коешто Светската здравствена организација (СЗО – WHO) го постави како стандард за водата за пиење.

Речиси 1,3 милиони тони контаминирана вода, доволно да се наполнат 500 олимписки базени, моментално се складирани во огромни резервоари во нуклеарната централа Даичи во Фукушима со трошоци од речиси милијарда американски долари годишно.

Стручњаците од компанијата TEPCO, којашто управува со нуклеарната централа, и јапонската влада тврдат дека од радиоактивната вода не може да се отстрани само тритиумот, кој бил во мали количества, по разблажувањето коешто е во план, и нема да биде штетен по животната средина и здравјето на луѓето.

Исто така, од TEPCO наведуваат дека количеството на сите други радиоактивни материи во водата може да се намали на дозволеното ниво, но многу научници предупредуваат дека не се познати долгорочните штетни ефекти од испуштањата големи количества радиоактивна вода врз морскиот свет.