Вјоса Османи избрана за претседател на Косово

Со 71 глас „за“ во парламентот во Приштина, во неделата вечерта од третиот обид Вјоса Османи е избрана за претседател на Косово.

Oсмани и противкандидатот, Насуф Бејта беа предложени од редовите на владејачкото Движење самоопределување на косовскиот премиер Албин Курти.

Ниеден од двајцата кандидати не ги доби потребните две третини од гласови на пратениците за да биде избран по првите два круга гласање во Собранието на Косово, па се одржа и последниот круг гласање, во кој е избран кандидатот кој го доби простото мнозинство од 61 глас,.

Во првиот круг гласаа 81 пратеник, Османи доби 69 гласа, Бејта нитту еден, а 12 гласачки ливчиња беа неважечки. Во вториот круг, во кој гласаа 82 пратеници Османи освои 67, Бејта 4 гласа, а 11 ливчиња беа неважечки.

Според Уставот на Косово, за да биде избран за претседател на државата, за еден кандидат треба да галсаат две третини, односно 80 од пратениците во 120-членото Собрание. Доколку во првите два круга ниеден од канддидатите не ги добие потребните гласови, во третиот круг се избира кандидатот што ќе освои 61 глас, но под услов да гласале најмалку 80 пратеници. Доколку и во третиот обид не се избере претседател на државата, Собранието се самораспушта и се закажуваат нови парламентарни избори, кои треба да се одржат во рок од 80 дена.