В среда бугарскиот Парламент ќе гласа за недоверба на Владата

Гласањето за недоверба на владата на бугарскиот премиер Бојко Борисов ќе биде одржано на 29 јануари, јави БГНЕС.

Дебатите за гласањето недоверба се одржаа денеска, откако во понеделникот Бугарската социјалистичка партија (БСП) поднесе таква иницијатива. Социјалистите тврдат дека половина милион Бугари се подложни на систем на рестрикции на вода,со опасност тој број да се зголеми.

„Бугарите дишат еден од најзагадениот воздух во Европа и земјата е претворена во депонија“, тврди БСП.  Според лидерката на левицата Корнелија Нинова, дури и ако се најде решение за кризата во Перник, Владата не знае што ќе се случи со Шумен, Сливен, Ботевград, Трговиште и Ловеч.

Кризата со водата што го зафати градот Перник и околните села предизвика серија протести и ги натера опозициските социјалисти да побараат гласање недоверба во централно-десничарската влада на премиерот Бојко Борисов.