Уставниот совет на Франција денеска потврди дека задолжителната вакцинација на децата не е противуставна, јавува дописникот на МИА од Париз.
Уставниот совет беше повикан да се изјасни по ова прашање поставено од брачна двојка, која беше повикана да се појави пред судот во Оксер откако одби да ги вакцинира своите деца.
Членовите на Уставниот совет во својата одлука, објавена денес, потсетуваат дека „со наметнувањето на овие задолжителни вакцинации, законодавецот имал за цел да се бори против три тешки и заразни болести или невозможно да се искоренат“. Уставниот совет подвлекува исто така, дека „законодавецот“ појаснил дека „секоја задолжителна вакцина се наметнува под услов ако не постојат признати медицински контраиндикации.“
Во Франција како законски задолжителна вакцина за децата е само ДТП (дифтерија, тетанус и полиомелит), непочитувањето на оваа обврска е казнива со кривичниот закон.
Уставниот совет понатаму оценува дека „законодавецот ја има надлежноста да ја утврди политиката за вакцинација со цел да се заштити индивидулното и колективното здравје“.
Уставните судии на Франција понатаму оценуваат дека не се тие кои можат да ги стават во прашање, преземените мерки за заштита на здравјето, со оглед на техничките познавања, односно дали тоа може да се постигне по друг пат, кога модалитете избрани со законот не се во спротивност со бараната цел.