Вакцинираните во Србија ќе може втората доза да ја примат во Македонија, најави Филипче

Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека македонските граѓани кои првата доза на вакцината против корона вирусот ја примиле во Србија ќе имаат можност, доколку така одлучат, ревакцината да ја примаат во Македонија.

Тој додаде дека веќе се подготвува начин како овие граѓани да влезат во нашиот здравствен систем како вакцинирани против Ковид-19.

-Јас веќе утре ќе разговарам со српскиот колега Лончар да видиме дали може да ги добиеме податоците електронски за да ги вградиме во нашиот систем. Доколку не, ние веќе попладнево разговаравме да направиме еден модул на сегашниот сајт „вакцинација“ за тие граѓани да можат да се пријават. Граѓаните секако добиле термин за ревакцина, но доколку некој не може да оди во Србија, и доколку некој сака овде да продолжи, ние тоа ќе го испланираме во нашиот систем – изјави Филипче во гостување на ТВ Сител.

Денеска илјадници македонски граѓани се вакцинираа во Белград и Ниш со вакцини од компанијата „АстраЗенека“. За утре е најавено во Македонија да стигне пратка од 24.000 вакцини на „АстраЗенека“ од Ковакс системот.