Екипите на Вардар 1961 и Еурофарм Пелистер продолжуваат без грешка на 48 традиционален ракометен турнир во Струга.
Четвртиот ден започна со натпреварот Охрид беше подобар од Еурофарм Пелистер 2 со конечен резултат 26:22. Потоа, првиот тим на Еурофарм Пелистер дојде и до третиот триумф по ред откако убедливо со 28:16 ја совлада екипата на Струга.
И на последниот трет дуел Вардар 1961 дојде до третата победа во низа откако ја оправда фаворитската улога против Бутел со 25:17. Така, во големото финале в недела од 21.15 часот актуелниот европски шампион Вардар ќе ги одмери силите против Еурофарм Пелистер за трофејот на струшкиот турнир.
Претходно, последниот ден на теренот „Горан Попоски Бабец“ ќе го отворат Струга и Еурофарм Пелистер 2 со почеток од 10.00 часот во борбата за седмото место.
За петтата позиција ќе играат Прилеп и Бутел од 17.15 часот, а за третото место од 19.15 часот Металург ќе ги одмери силите со Охрид.