Напаѓачот на Лестер, Џејми Варди, и бекот на Челзи, Гери Кејхил, во две засебни изјави за медиумите го објавија своето повлекување од англиската фудбалска репрезентација, оставајќи му простор на селекторот Герет Саутгејт за подмладување на тимот, пренесува BBC.
Варди за селекцијата на „Гордиот Албион“ дебитираше дури во 2015 година кога веќе имаше 28 години. Впиша 26 настапи на коишто постигна седум погодоци, а во интервјуто за дневниот весник The Guardian, сега 31-годишниот напаѓач вели дека за својата одлука веќе разговарал со Саутгејт во текот на Светското првенство во Русија, каде што Англија стаса до полуфиналето кога беше елиминирана од Хрватска.
„Не се подмладувам, а можевте да видите дека селекторот покажа желба за подмладување, што веќе даде резултати на Светското пренство“, вели Варди.
„Гледам дека се вртиме кон новата генерација и верувам дека сега е вистинското место да отстапам“, вели за клупската телевизија на Челзи, 32-годишниот Кехјил, кој во англискиот национален дрес настапил 61 пат од неговото деби во 2010 година, постигнувајќи пет погодоци и неколкупати носејќи ја капитенската трака.
Меѓутоа, и двајцата истакнуваат дека ќе се одѕват на повикот, доколку се покаже потреба за нивните услуги во репрезентацијата. „Ми претставуваше извонредна чест да играм за својата земја и никогаш сосема не би ја затворил вратата“, додава Кејхил.
Англија е во групата со Хрватска и Шпанија во новосоздадената Лига на нациите на УЕФА. Во оваа група прво се среќаваат Шпанија и Хрватска на 11-ти септември, а светските вицешампиони на 12-ти октомври ќе бидат домашини на Англија.