Соединетите држави го советувале украинскиот државен и воен врв да ги повлече преостанатите единици од градот Бахмут (Артемјовск, на руски) на работ од доминантно рускиот источен регион Доњецк, пренесе во петокот вечерта AFP повикувајќи се на високо позициониран американски функционер.
Според неименуваниот соговорник на агенцијата, засилениот фокус на Киев на држењето на стратешкиот град кој е речиси во целосно руско опкружување, ги отежнува украинските подготовки за очекуваната пролетна офанзива. Во случајот на Бахмут, времето е на страната на Русија, којашто има повеќе артилерија и воени ресурси, рекол изворот кој зборувал под услов да остане анонимен.
„Соединетите држави ја советуваат Украина да ги повлече овие сили со цел повторно да ги опреми и да ги приклучи на програмите под водство на САД насочените кон формирање (…) добро вооружени сили, способни да започнат офанзива кон јужната насока“, го цитира AFP соговорникот.
Веројатно изворот алудира на објавите во американските медиуми за плановите за подготовка на Пентагон на украинската војска следните месеци да го нападне црноморскиот полуостров Крим. Од Кремљ, но и некои западни воени аналитичари, претходно седмицава предупредија дека таквата идеја ќе биде катастрофална за европската па и глобалната безбедност, имајќи ја предвид стратешката важност на полуостровот населени со доминантно руско население и фактот што е историско седиште на руската Црноморска флота.
Како што истакнал изворот, за обуката на украинските војници, исто така, ќе биде неопходно време, па Киев треба да ја разгледа можноста за „размена“ на Бахмут за обуката. Според него, вооружените сили на Украина веројатно немаат доволно ресурси за истовремено да изведуваат борбени операции во градот и да се подготвуваат за офанзивата додека пристигне големата воена помош, вклучително и тенковите од Западот кои Киев ги очекува.
Бахмут се наоѓа во граничниот дел од Доњецк кој е под контрола на украинските сили, северно од големиот град Горловка, и преставува стратешки важен транспортен јазол за снабдување на трупите во Донбас. Овој град на почетокот од граѓанската војна по превратот во Киев во 2014 година го контролираа сепаратистите кои отстапија во февруари следната година. Бахмут се наоѓа на главниот патен правец кон градовите Славјанск и Краматорск, и двата во индустрискиот регион Донбас, а од нив се отвора простор за руско напредување кон централна Украина.
Бахмут во руско опкружување по цена на големи жртви на двете страни
Украинските сили во Бахмут на дневно ниво губат по троцифрена бројка војници, објави претходно во петокот германскиот дневен весник Spiegel, повикувајќи се на документ на германската Федерална разузнавачка служба (BND) во кој имал увид, a со кој претходно седмицава на затворен состанок биле брифирани пратеници од Бундестагот од парламентарната комисија за безбедност.
„Она што можат да го пријават специјалните служби е алармантно: на фронтот во близина на Бахмут, Украинците сега трпат огромни загуби, на брифингот на BND можеше да се слушне за трицифрена бројка жртви дневно“, се наведува во објавата.
Се додава дека претставници на германското разузнавање ја изнеле процената дека падот на Бахмут може негативно да влијае врз целата линија на украинската одбрана и дека руската војска ги користела војниците како „топовско месо“ за заземањето на градот. И во тој контекст во текстот на Spiegel се споменува притисокот врз германскиот канцелар Олаф Шолц за што поскоро испорачување на Украина на модерните тешки офанзивни тенкови „Leopard 2“.
Руското министерство за одбрана во дневниот брифинг во петокот извести дека руските сили ја преземале контролата над Клишчивка, село јужно од Бахмут на административната граница од Доњецк. Селото Клишчивка, која по судирите по превратот во Киев во 2014 година до пред војната започната во февруари 2022 година броела околу 400 жители, било заземено со помош на воздушна поддршка, соопшти руското министерство за одбрана.
Селото се наоѓаа на девет километри јужно од Бахмут, а приватната воена компанија „Вагнер“ и милициите на проруските сепаратисти од Доњецк и претходно објавија дека го заземале и оти веќе ги интензивирале борбите за заземање на градот.
Челникот на сепаратистите од Доњецк, Денис Пушилин, истовремено објави дека единиците на борците кои потекнуваат од самиот регион и борците на „Вагнер“ во петокот се „близу до оперативно опкружување“ на Бахмут. Пушилин притоа прецизирал дека во моментот во Бахмут се водат борби во областа на локалната фабрика за преработка на месо, каде што борците од „Вагнер“ напредуваат „и дење и ноќе“.
Во четвртокот еден од командантите на групата „Вагнер“ изјави за РИА дека заедничките сили успешно ја спроведувале офанзивата, и оти борбите веќе се водат во самиот Бахмут. Според него, единиците на руската војска успеале да ја зазема индустриската зона, а борците на неговата група ги расчистуваат станбените области од џебовите на украинските војници.
САД го воздржуваат Киев од скорешна офанзива, ја планираат за напролет
Претходно во петокот агенцијата Reuters објави дека високи американски функционери ја советуваат Украина да се откаже од започнувањето каква и да е голема офанзива против руските сили додека не бидат испорачани најновиот залихи американско оружје и не се спроведе соодветна обука.
Официјалниот претставник на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден, кој зборувал за мала група новинари и сакал да остане анонимен, рекол дека САД се држат до својата одлука да не испорачаат тенкови „Abrams“ на Украина во овој момент, додека продолжувааат натегањата и контроверзиите со Германија околу тенковите „Leopard 2“. Го повторил ставот на Вашингтон дека САД не планираат да испратат тенкови „Abrams“ во Украина во овој момент, бидејќи тие се скапи и тешки за одржување.
Преговорите на САД со Украина за каква и да е контраофанзива се во контекст на обезбедување на Украинците да минат доволно време прво на обука со најновото оружје обезбедено од САД, рекол официјалниот претставник. Американските власти веруваат дека офанзивата би била поуспешна доколку Украинците ја искористат обуката и чекаат да пристигне новото оружје. Вашингтон во четвртокот објави дека ќе испрати стотици борбени оклопни возила во Украина.
Висока американска делегација, во која беа заменичката на државниот секретар Венди Шерман и заменик-советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Финер, ги минала изминатите неколку дена во Киев на разговори со украинските власти.
Пораката од Американците била дека Украина потрошила значителни ресурси за одбрана на градот Бахмут, но дека постои голема можност Русите на крајот да ги истиснат украинските сило од тој град, рекол претставникот. Но, и доколку тоа се случи, тоа нема да резултира со стратешка промена на бојното поле, уверувал американскиот фунцкионер.
„Една од темите на разговор беше колку украински ресурси се трошат за одбрана на Бахмут, а во исто време се подготвува офанзива за обид да се избркаат Русите од територијата што ја држат во јужна Украина. Американските власти работат со Украинците на овој компромис“, рекол претставникот на администрацијата на Бајден,
Од друга страна, американските власти ја советуваат Украина да го приспособи начинот на кој Киев ја води војната и да не се обидува да ѝ парираат на руската војска плотун по плотун во артилериски оган, бидејќи на крајот Москва ќе добие предност преку исцрпување, рекол соговорникот.
„Затоа најновата американска испорака на оружје вклучува оклопни возила, бидејќи ќе ѝ помогне на Украина да го промени начинот на кој се бори во војната“, рече официјалниот претставник.
Американскиот функционер не ги споменал конкретно големите загуби во личен состав на укранските сили во битките за Соледар и Бахмут, што според некои западни воени аналитичари значително ги намалило ресурите во увежбани борци со веќе стекнато борбено искуство на украинската армија.
„Лошото зимско време ги отежнаа борбите на првите борбени линии, иако студениот и тврд терен може да го отвори патот за двете страни да започнат офанзива со тешка опрема“, изјави Серхиј Хајдаи, гувернер на Луганскта област именуван од Киев.