Ватиканската полиција уапси поранешен вработен кој наводно се обидел да му продаде на градот-држава ракопис од италијанскиот барокен мајстор Џан-Лоренцо Бернини од XVII век, кој претходно исчезнал од архивите, изјави портпаролот на Ватикан.
Експертите велат дека документот од 18 страници со позлатени минијатури ги содржи првите детали за украсните елементи на настрешницата на базиликата на свети Петар дизајниран од Бернини.
Ценетиот скулптор и архитект се смета за водечки мајстор на италијанската барокна архитектура од XVII век, а меѓу неговите ремек-дела е четворната колонада што го опкружува кружниот плоштадна свети Петар.
Осомничениот е уапсен на 27 мај под обвинение за обид за изнуда, а работел во институцијата „Fabbrica di San Pietro“, која е одговорна и задолжена за конзерваторските работи и одржувањето на базиликата на свети Петар.
Обвинетиот сè уште е во притвор во Ватикан и двапати бил испрашуван последните денови, рече портпаролот. Обвинителите на Ватикан следната седмица ќе одлучат дали официјално ќе го обвинат.
Обвинителите покренаа истрага по жалбата на „Fabbrica di San Pietro“, и го привеле мажот кога го вратил ракописот во Ватикан, барајќи за возврат 120.000 евра.
Информацијата прв ја објави италијанскиот весник Domani, кој го идентификува осомничениот како поранешен шеф за комуникации на „Fabbrica di San Pietro“, велејќи дека тој наводно се обидел да го продаде ракописот на кардиналот Мауро Гамбети, протоерејот на базиликата.