Вечер е Стара нова година, а утре Василица

Православните христијани кои се водат според Јулијанскиот календар вечер ќе ја пречекаат православната нова година, која почнува утре на Василица.

Многу македонски семејства Василица ја празнуваат како домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј Велики го слават својот именден. Слично како и на Бадник, на семејната трпеза се крши погача со паричка. Се верува дека на оној што ќе му падне, годината ќе му биде среќна и бериќетна.

По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Свети Василиј Велики е еден од тројцата најголеми црковни учители од четвртиот век. Родум бил од Кападокија, а завршил школо во Атина. Тој бил голем христијански филозоф, а се прославил и како епископ и заштитник на чистотата на православното учење. Свети Василиј Велики се упокоил на 14 јануари во 379 година.
Покрај Македонската православна црква, според Јулијанскиот календар, верските празници ги слават и Руската и Српската црква, Ерусалимската патријаршија и дел од калуѓерите на Света Гора. За разлика од нив, по Грегоријанскиот календар се водат Грчката, Бугарската, Романската, Украинската и Грузиската православна црква.

Обичаите и верувањата поврзани со празникот Василица потекнуваат од претхристијанско и  нивна цел е да обезбедат среќа и напредок на поединецот но и на пошироката заедница.

vevcani-karneval-2016-16

Во селото Вевчани се одржува прочуениот Вевчански карневал кој од година во година станува се помасовен и попопуларен. Како туристичка атракција тој е посетен од многу гости и тоа не само од нашава земја. Во формата во која денес се одржува во него гледаме мноштво традиционални обичаи, но и некои елементи што се од поново време.

Во Вевчани Василица се празнува два дена, на 13 и 14 јануари (.н.с.). Василичарите се организираат во групи, зависно од маалската припадност, во василичари од Горна и од Долна маала. Секоја од овие групи си има свој конак, каде што се собираат и подготвуваат. Секоја група си има свој василичарски бајрак, што се чува во црквата Свети Никола и се користи само во оваа прилика. Бајраците се носат пред поворката додека василичарите шетаат низ селото.

Секоја василичарска група има традиционални ликови: зет и невеста, потоа поп, ѓавол и Глупавиот Август. Зетот, облечен во народна носија носи и патерица со која ги фаќа луѓето за вратот, ги доближува за да им бакне невестата рака, а тие да ја даруваат со пари. Невестата, секогаш е машко лице,  облечено во невестинска облека и претставува симбол на плодноста. Составен дел на василичарските групи се и свирачите кои ги веселат присутните.

Василичарските поворки тргнуваат на 13 јануари (с.с.) на пладне. Одделно одат горномалските и долномалските василичари. Ги минуваат сите улици одејќи надесно и застанувајќи на секоја раскрсница каде што играат. Василичарите ги посетуваат сите домови, играат ора и пеат песни по што добиваат дарови во пари или продукти. Насекаде се пее василичарската песна:

По мене бабо, по мене,
како струпска ертица,
како прилепска ножница,
сурва, сурва година.
Сурва, сурва година,
голем клас на нива,
голем грозд на лозје,
жолт мамул на леса,
црвено јаболко в градина,
живо-здраво до година,
до година до амина,
пара, пара домаќине!

Вечерта по полноќ, околу 2 – 3 часот, откако василичарите ќе минат низ сите куќи се оди На вода на познатите Вевчански извори. Тоа е означено и со биење на камбаните. Тука се присутни сите селани особено женскиот свет. На вода се носи литургија, котле или ѓум за вода, дрвена лажица и василичарска киска. Киската се прави од босилек, василичарка (растение со боцки) и гранки од дрен. Сите тие се поврзуваат со црвен волнен конец.

На изворите попот испева молитва со што ја осветува водата. Потоа  сите присутни во специјални садови земаат од водата и ја носат дома. Со оваа светена вода се попрскуваат сите простории во куќата. Со оваа вода се подготвува кашаник (тури-потпечи) во кој се става сребрена пара. Тој што ќе ја најде парата се смета за најсреќен во семејството. Киската се става над влезната врата и тука останува цела година како заштитник на куќата од разни лошотии: демони, несреќи, елементарни непогоди и сл.
На 14 јануари најпрвин се одело во црквата, а потоа низ селото. Тогаш се оди во сите домови во кои има Васил и се честита именденот. Попладне сите се собираат на средселото каде што се игра Василичарското оро. Секоја група имала свое оро, а потоа сите се обединувале во едно заедничко оро.

На 15 јануари се организирала заедничка гозба. Тогаш се броеле собраните подароци главно парите и се решавало за што ќе бидат искористени. Секогаш се користеле за некои добротворни цели, изградба на чешма, водовод, црква, училиште итн.

Во василичарските празнувања во Вевчани покрај традиционалните елементи, ликови, маски и сл. има и нови елементи, пред се маски и активности со кои се критикуваат некои настани или личности од изминатата година.

Поради тоа што оваа манифестација доби поголема масовност и атрактивност во 1993 година Вевчани со својот карневал стана член на Здружението на европските карневалски градови. Вевчанските василичари учествувале на многу карневали во светот.