Од формирањето на Оилко до лани Макпетрол работи со вкупна загуба од 446,626,307 денари, а Оилко во континуитет ниже добивка која до 2013 година изнесува 925,5 милиони денари, пишува Вечер.
Кривична пријава за првиот човек на Макпетрол Андреја Јосифовски и за уште 21 лице, членови на Управниот и Надзорниот одбор на фирмата, поранешни одговорни во Централниот депозитар на хартии од вредност, Комисијата за хартии од вредност и во Централниот регистар, е разврската на случајот Оилко, која акционерите и вработените во Макпетрол ја посакуваа со години наназад. Истрагата на МВР покажа дека Јосифовски со помош на другите за кои има кривични пријави со измама на акционерите во 2006 година прелеал дел од акциите на Макпетрол во новоформираната фирмаќерка Оилко, а во годините што следеле полека го селел и финансискиот капитал, осиромашувајќи ја компанијата во која долги години директорува. Со прелеаните акции од Макпетрол во новата компанија со која управувал, Јосифовски располагал со 19,95 проценти од капиталот на Макпетрол, вреден 304.193.176 денари, пишува весникот.
Потоа почнува и прелевањето на финансискиот капитал на Макпетрол. Од 2002та до 2006 година, кога е формиран Оилко, Макпетрол во континуитет работи во плус и вкупната добивка за тие години му изнесува 1,3 милијарди денари. Две години по формирањето на Оилко, во 2009та, Макпетрол за прв пат покажува нето загуба и тоа од 285 милиони денари. За периодот од 2007 до 2014 година Макпетрол успева да оствари загуба од фантастични 446,626,307 денари. Истовремено, Оилко континуирано во завршната сметка покажува плус. Во деловната 2007 година остварува нето добивка од 17.577.768 денари, а вкупната добивка до минатата година е 230.408.250 денари. Како се случило ова, покажуваат документите за одобрените зделки на Макпетрол со Оилко. Во 2008 година Макпетрол склучил зделка со Оилко вредна 300 милиони денари, во 2010 година зделката била двојно повредна, а во 2013 година изнесувала 925,5 милиони денари.
Преку склучени зделки во периодот од 2008 до 2013 година од Макпетрол во Оилко се преселени над четири милијарди денари. Следењето на трагата на парите покажува дека со склучувањето на ваквите договори Оилко се стекнал со зголемена добивка на сметка на загубата на Макпетрол.
МВР завчера соопшти дека е поднесена кривична пријава против Јосифовски и уште 21 осомничен меѓу кои има сегашни и поранешни функционери и членови на одбори заради незаконско прелевање на капитал од Макпетрол во Оилко. Десетте членови на Управниот одбор, осумте членови на надзорниот, како и тројца одговорни во Централниот регистар, Централниот депозитар за хартии од вредност и Комисијата за хартии ќе одговараат за злоупотреба на службена положба и овластување.
Од Макпетрол вчера излегоа со соопштение во кое потенцираа дека сите одлуки се донесени според законите и транспарентно и изразија чудење од, според нив, неоснованите обвинувања на МВР.
Макпетрол АД во текот на целото свое работење постојано ги применува највисоките законски, етички и професионални стандарди. Компанијата работи целосно транспарентно и никогаш не прекршила некаков законски пропис, а најмалку од се би можела да оштети некој од своите акционери. Сите деловни одлуки на компанијата се донесени целосно транспарентно, со одлука на акционерите и ги имаат поминато сите внатрешни и надворешни филтри за да се процени нивната правна валидност, соопштија од Макпетрол.
Од “Оилко” сеуште не се огласија во јавноста
На ова вчера се огласи и МВР од каде потенцираа дека фирмата, како правно лице, не е опфатена со кривичната пријава која е во цел да се заштитат интересите на Макпетрол која со години наназад бележи загуби.
Имено, како што вчера објавивме со кривичната пријава опфатени се поголем број на физички лица, така што е малку чудно што Макпетрол како компанија реагира. Доколку сериозно се разгледа пријавата, повеќе од очигледно е дека истата е поднесена заради заштита на интересите на Макпетрол, односно на акционерите на компанијата и со оглед на фактот што компанијата по носењето на одлуката и формирањето на Оилко, во годишните биланси бележи загуби. На случајот се работеше многу сериозно и темелно, изјави Иво Котевски, помошник министер за односи со јавност.
Во моментот истрагата за овој случај е кај Јавното обвинителство од каде соопштија дека пријавата на МВР ја примиле минатата недела и дека веќе постапуваат по неа и нагласија дека засега нема да споделуваат информации со јавноста околу резултатите.