Од денес до недела ќе се одржи 33. Поетска ноќ во Велестово која ќе биде посветена на поезијата на Ристо Лазаров и на творештвото на охридските уметници Славко и Никола Упевче.
Во рамки на манифестацијата ќе биде отворена изложбата „Татко и син Упевче“ на отворениот простор и во тремот на црквата „Успение на Св. Богородица“ во село Велестово и ќе биде откриен мозаик на кој е претставено логото на манифестацијата, изработен од Никола Упевче, велат од организацијата на „Поетска ноќ во Велестово“.
Беседа за Ристо Лазаров ќе одржи Димитар Пандев, а негови стихови ќе интерпретира Ивица Цонев.
Интернационалното читање ќе се одржи во сабота со почеток во 18 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид со поезија од Кристин Омарсдотир и Сигурбјорг Трастардотир од Исланд, Надија Реброња од Србија и Андреј Ал-Асади од Македонија. Поради ситуацијата со коронавирусот, поетесите од Исланд ќе се претстават преку видеопроекција.
Последната вечер насловена „Поезија ‒ Залез“ ќе се одржи во недела со почеток во 18 часот на локалитет во Велестово, а ќе читаат поетите Д. А. Лори, Надија Реброња, Сашо Огненовски, Ивана Јовановска и Андреј Ал-Асади, додаваат од рганизацијата на „Поетска ноќ во Велестово“
И годинашното издание на манифестацијата ќе се одвива според препораките и протоколите за заштита од Ковид-19. Манифестацијата е поддржана од Министерството за култура, Општина Охрид и Комерцијална Банка.