Предрасудите се смрт на умот затоа што се базирани на страв, артикулирани низ агресија, во форма на омраза, оправдани како самоповикани праведници кои ниту се кадарни себе, а акмо ли други да изведат на пат. Се’ што е може да се транскрибира во секој останат сегмент на живеењето.
Како ми одминуваат годините, така полека се ослободувам од многу предрасуди кои си ги наталожив сосема непотребно и наивно со теког на годините. Се обидувам да направам детоксификација на умот затоа што сеуште верувам дека душата ја немам јагленосано до таа мерка, сепак, за неа имам и стручно лице кај кое редовно одам на „рентеген и скенер“, кај мојот духовник. Како само го малтретирам годиниве, прашање на време кога ќе добијам вонреден преглед на простата и тоа во градска кај доктор Хасан, кој види, чудо, има два метри во висина и пропорционално големи дланки, за прсти да не говорам.
Предрасудата, како јас ја разбирам е негативна мисла и суд донесен за некого и нешто врз основа само на тоа што некој ти го кажал. Имаме пријатели на кои потполно им веруваме и ги сакаме, им веруваме затоа што никогаш не не’ излажале и кога оние за нешто ќе ни кажат, раскажат или изнесат став, го примаме нивниот став како свој без многу да се обидеме објективно да размислиме., Има тука и некаква солидарност која како да се очекува од нас и многу лесно потпаѓаме под влијание, секако од најдобри намери, кое подоцна може да ни прави дури и практични проблеми. За оние другите, кои се исповедаат пред Бога или багажот кој ќе го понесме на финалното патување, страв ми е и да посмислам. Социјалните мрежи станаа најголема селска чешма каде се оговара до изнемоштеност, ама буквално за се’. Ма, таксистите ако едно време беа сезнајковци за политика, економиоја, фудбал и вселеснки истражувања, сега тоа е секој просечен корисник на Фејсбук и како жена му изгледа во купачи.
Се таложиме со предрасуди за други народи, раси, пол и тоа е сериозен проблем на цивилизацијата. Незнаеме да градиме општество базирано на љубов, напротив, само затоа што е различен го ништиме, бришеме, нема подвиг за менување на релациите. Никој никого не загрозува ниту може бидеејќи се’ е е до ставовите и пред се’ личниот опит. Да не се лажеме, еве, да одиме во побенигните теми на лични маалски меѓупријателски оговарања на социјалните мрежи и тоа најчесто со луѓе кои ниту те познаваат, ниту скршиле збор два со тебе, но имаат појасен став кон и за тебе одошто роден брат. Едноставно безбедната дистанца е одлично стрелиште за цедење отров врз туѓа глава. А, тоа пусто оговарање и тие предрасуди е рамно на една небулозна состојба, тоа е како да испиеш отров и очекуваш дека на другиот ќе му се слоши.
Нејсе, не е трактат ова за за најголемата канализација на човештвото – социјалните мрежи, не ова е само самобендисан предолг вовед за мојата предрасуда кон театарот која ја имав се’ до годината кога се појави „Вечната Куќа“. И како бива, Господ решава и почнува со едукација моја на стари години, кога увиде дека памет не ми доаѓа. Како убаво ме „исплеска“ за, фигуративно кажано, една моја тешка предрасуда… за театарот…
Имено, годиниве многу се разгалив и станав тежок конформиста, буквално за се’. Престанав да одам во театар ако барем условите не се пријатни како во мојата дневна соба… а, немам некоја добро уредена, баш денес го дадов мебелот на претапацирање после 20 години откако ги истрпе сите хирови на растењето на моите три деца и моето поприлично гравитациско делување. Студени сали, грд амбиент, непријатна миризба, одвратните, плитки и неписмени критики по медиумите ме заведоа да создадам грда слика за театарот и се’ околу него, вклучително и актерите кои ги перцепирав како недозареани кои без врска се бафтаат и глуматаат дека се тинејџери на 30-40 години… ама ништо добро од таму не можеше да ме допре… а, таму имам пријатели, блиски… Колку само неправедност сум сеел со мислите за нив… а, тие никогаш не ми вратиле на сличен начин и со тоа покажаа дека се подобри луѓе од мене. И како го сменив ставот? Како по обичај… кога татко ти за уши ќе те крене од столица и за уши ќе те одведе каде треба без премногу да те прашува…
Следното писание е лична импресија и емотивно согледување за театарот и оние кои се во него… но, и одлична поука за мене од гледањето на претставата Вечната Куќа. Зборот импресија и импресиониранот во овој текст ќе го употребам многу пати не само како сувопарна репетитвност, туку како насушна потреба да доловам впечатокот на она што го видов и доживеав, а јазикот нема неограничен број на суперлативи и придавки за убаво, толку изнедриле нашите предци, како одраз на тоа каков и животот им бил, нејсе.
Прво што ќе забележите, а и сте виделе на фотографии наоколу, импресионираше ентериерот, кој во онолкав калабалак од луѓе обично и нема да се види. Додека разните фаци – секој со секого се поздравува во оние „смал-ток“ кој треба да делува како секојдневица – „кај си бе, како си да се видиме”, а потоа што подалеку едни од други во блејд ранер релации и андридни реченици ентериерот навистина остава силен впечаток, и не на невкус, туку на токму фунцкионалност во својата нападна раскошност. Ѕидовите, таваниците, кои претходно ги видов на слика, делуваа преубаво, иако не се сомневамо дека некој познавач би рекол многу спротивности, но мене како на конзумент, овој позлатено-црвен рококо сосема добро, па и повеќе, ми се совпаѓа со местото, некако си прилегаат и остава пријатен впечаток. Единствено, миризбата од средствата за чистење кои ги почувствував уште дента кога отидов по билетите остана, ако тоа може да биде единствената замерка, но да се разбереме, јас имам едно супер сетило – носот или чувството за миризба, од кое досега аир не сум видел многу освен што другарките кога бев клинец ме употребуваа да им проценам некој мирис, а знаеа да употребуваат и Поасон, бљак.
Влезот во салата ми беше како кадар од филмот „Петтиот Елемент“, кога сите влегуваат во репликата на Миланската Скала на луксузниот вселенски брод. Не сум имал прилика да посетам театар или опера во земји како Австрија и Италија и моите компарации најчесто доаѓаат од современата поп култура со која надоместував неможноста за дополнително следење на настани. Седишта удобни како во современи кина, но и тие како и целата внатрешност изработени во гламур и сјај како што е и целиот амбиент. Погледот нагоре ќе ви даде спектакуларна слика на муралите и лустерот со кој имате чувство дека сево ова и не е ново, дека сево ова е само продолжение на нешто што постои тука со децении… векови?!?
Не отидов до тоалет, се надевав дека ќе можам да „обележам територија“ на паузата… а, како по обичај кога има државен врв, манифестациите доцнат, традиционално долго доцнат, но тоа нема да биде важно многу, затоа што седењето во ред со колеги новинари ти е како да си пуштил група дотерани Бивис и Батхед кои без милост се мајтапат со се’ живо и диво. Едно време посакав да бидам на балконот во ложите како старците од Мапет Шоу, за да можам да коментирам… но, моите пориви за логореа наскоро беа затнати наредните 4 часа
Претставата почна…
За запис за историја, се изговори првата реченица… таа чест ја имаше Петре Темелковски… а, може ли некој друг освен него со толку наративен патос кое звучи како ехо од пред илјадници години да ја изговори?
„Запишано е! Од Ерусалим во Македонија ќе појдеш“.
Аплауз, тоа беше првата реченица, која верувам, дека и авторот (Плевнеш) и режисерот (Пројковски) свесни за историскиот миг и тежина токму ја нагодиле да почне со вакви пророчки зборови.
За да не ви ја прераскажувам содржината која како текст веќе ја има онлајн, впрочем јас сум најмалку театарски критичар, но само блогер – порталџија- коментатор кој обземен од емоции има потреба да она што во таа вечер го доживеал да го ставам на парче (виртуелна) хартија.
Ако сте решиле да добиете впечаток од моиве зборови што се случуваше на премиерата на „Вечната Куќа“, морам збор-два да ви кажам нешто од личната интима. Знаете, дедо ми, сиромашен маџермаалец, кондураџија, единствениот кој го имав и со кој многу време поминав, не за да ме чува како дете туку како друштво и кога бев возрасен, со кого ми беше убаво да ги минувам деновите, наликуваше физички помеѓу Жак Кусто и Клинт Иствуд и имаше такво држење, исправен, убав човек со машки црти и јака вилица, а во исто време никогаш не изговоруваше збор повеќе од потребното. Никогаш не беше покажал емоции повеќе од потребното, ниту позитивни, ниту негативни, но и така од него зрачеше блага топлина. Паметам кога ми беше роденден, а јас бев тинејџер и немав многу развиена емоционална интелигенција, тој ми пријде, ми подаде 500 денари, да си купам нешто, и ја сврте главата. Го загледав и се вџашив… плачеше, крупни солзи му течеа низ образите, а истовремено се смееше. Го прашав зошто плачеш? Тој само ме прегрна и ме бакна… Така и јас, плачев без рационална причина. Затоа не поставувајте потпрашања зошто целата претстава си плачев како река. Ни помалку ни повеќе си изронив солзи исто колку и актерката Искра Ветерова која така маестрално ја понесе на плеќи целата претстава, без ниеден пад, на толку високо ниво и со таков глас на очај, кој како да слушаш мајка која плаче над најмило. Кожата ти се ежи, солзи течат, емоционален карусел кој почнува од бокс мечот во стомакот, па се нагоре и го стискаш во грлото, а во исто време, свесен, дека целата представа е намерно така емоционално напумпана и поставена за свесно да те води во патосот на „долината на солзите“ каде те чека осветникот без маска и ти стрела директно во јајцата… боли и боли и боли оти се препознаваш не само себе, туку своите, претците, родителите, маката на народот кој е преширок поим, но сепак затоа што нема Македонец во било кое семесјтво да не поминал некаква голгота и треба да си копито непоркопсано да не предизвика рекација во тебе.
Заврши првиот дел, пауза…
Трчанката доле во тоалетот, жените сите пред огледалата проверка дали е реазлеан креонот, барем оној дел од почовечните гости затоа што ова е сепак премиера, и како таква преполна е со емоционални евнуси кои не би затрепериле и Треблинка да ја видат во живо во некое временско патување.
Вториот дел беше час по историја, низ средбите со духовите на умрените се прераскажува историјата на Македонија на еден алегоричен начин, низ лично и интимно доживување на паднатите великани. Тука веќе некако доста воздржано го проследив целиот тој дел за кој мислев дека нема да може да ја стигне висината на емоционалниот набој која главната актерка која се исуши како суво дрво од реката солзи кои искрено ги лееше додека ја играше представата.
И тогаш… крешендо, крешендо виваче, јавачите на апокалипсата на емоциите зајаваа на крајот. Меѓу духовите кои бараа право на дел од „Вечната Куќа“ се појави и духот на Ристо Шишков, велканот и бардот на македонскиот театар, еден од најдобрите актери на сите времиња… Него го играше, неговиот син Васил Шишков… Синот го игра таткото, синот ја раскажува трагичната судбина на својот татко и како спектакуларна иронија на судбината и како правда на Севишниот, Васил стои на место кое со право му припаѓа на неговиот татко. Васил не’ тресна сите од земја со неговиот монолог играјќи го својот татко. Не’ дотепа и неговиот настап и искрената рекација на актерите на сцената кои со аплауз го испратија кога заврши. Ова и беше еден од најсилните аплаузи таа вечер. Тоа беше сечилото на лустрацијата – солзи кои како меч не распорија сите нас длабоко во душата. Толку беше силно што едноставно, не може никако поинаку да се опише освен со ваков текстуален мелодраматичен патос.
И сега да се навратам на деталите…
Тони Михајловски покажа ретко зрела улога со карактер, иако немаше многу простор за неговиот раскошен талент, но и покрај тоа, така силно го долови ликот на адвокатот, човекот на светот, кој се соочува со моралот и етиката наспроти студените земски правила и силно ја пренесува пораката на фактите, трасирајќи пат како ваљак за да Искра која го асфалтира со солзи. Попатетична реченица не можев да смислам, но да бевте таму таа вечер, ќе ве собираа во леген со сунѓер.
Самата претстава не можеше да биде подобро смислена, понаменски поставена за да ни ги покаже сите технички можности на новиот театар. Што се не се изнагледавме, дигитално конторлирани платформи во балет кои се дигаа и спуштаа во корегорафија како надополнение на симболиката со која текстот изобилуваше, скенерите со светлосните ефекти, играњето со звукот кој беше совршен, кој неприметно се префрлаше од звучниците на озвучувањето до сувиот глас на актерите на сцената. Игрите со огледалата, теледиригиран цепелин кој надлетува над партерот во салата, подвижни сценографии како од бродвејските мјузикли, например Мачки…
Музиката на Горан Трајковски беше најдоброто што досега го направил во театарот. Ги отвори чакрите на згаснатата Анастасија и повторно ги слушнавме епските спектакуларни звуци како ехо од неговата група, музика која совршено одговрашае во амбиентот на претставата. Двете главни носечки теми се неговите музички артикулации на две псалми – Пслам 13 и Псалм 118, кој ве фрла како да сте на литургија во Божји храм. Беше тоа совршен спој на музика и пеење во живо, хорот на актерите, во беспрекорно озвучување. Прв пат слушнав сабвуфер во полна сила во театар. Дури и поигурвањето со црното кабаре, современиот израз, се’ беше во совршено избалансирана функција, перфектно стокмено. На миг мислиш следиш концерт, мјузикл, но црн, мрачен, тегобен мјузикл каква што е и историјата на овој народ. Изведбите на песните беа како спот во живо. Актерите на сцената не само што глумеа, тие беа и пејачи, танчери, актери, пантомимичари, толку силна мултимедија во звук, светло и музика не паметам дека некоја представа ни има понудено. И нека ми простат оние кои не ги спомнав, не дека рангирам, едноставно пишувам импулсивно само со податоци кои едвај ги знам оти не го познавам теаратарот, но ви ги препознав емоциите. Десетина минути аплауз беше премалку, но од ваква публика, стегната, повеќе протоколарна одошто силно театарски посветена и ова беше
Плевнеш напиша театарски манифест за овој народ, а Пројковски го режираше своето животно дело. Се видовме и почувствуваме, целиот труд, режија, музика, игра, ги забележавме сите детали, свативме колку само е вложено, лично и матерјално, колку сте се внесле и спружиле во овој проект. Компликуван и сложено поставена во која на скоро секоја сцена имаше триестина актери во кореографија додека се преплетуваа со компјутерски конторлираните сценографски елементи, со Цирку Де Солеј мигови, кабаре, шекспировска драма, трагедија, се’ тоа да се изведе без грешка, без кикс, без „глич“ во системот, синхронизирано како небеска машина, со авангардни моменти и класичен театар, беше неверојатно.
ПС – Тихо, Младичу, те имав во мислите додека одеше представата, знам дека ти требаше и заслужуваше да бидеш дел од ова, се молам дека Бог во милоста своја те смести во некој свој топол агол да ја гледаш одозгора, ова наше парче духовна борба за да ја заслужиме и ние Негова милост.
ППС – Ако една работа како театар, како објект, како нежива твар, може да ме импресионира и да ме отрезни до толку, па колку може просветление, љубов, добрина, благородност да донесе една човечка душа? Ќе можам ли луѓето да ги запознавам и да ги почувствувам онака како претставата „Вечната куќа“ и самиот објект? Ова ли е бледата сенка на она како Господ секој од нас не’ гледа, секој во својата величественост и раскош.
Автор: Јанко Илковски за НетПрес