Велјановски: Ако власта сака Законот за заштита на медиумските работници може да биде донесен по итна постапка

Сакам да разјаснам неколку дилеми дека опозицијата нема ништо против донесување на закон со одредби кој што ќе ги подобри правата на новинарите и медиумските работници. Факт е дека имаме засилен тренд на напади на новинари, како и на екипи кои што работат со новинарите. Факт е дека барањето на новинарите за носење на закон со одредби со кој што се подобрат правата на медиумските работници е оправдан. Повеќе од една година односно година и половина овој закон е во процедура, само за информација за јавноста на 18.08.2021 година е доставен до Собранието, поминат е и изгласан на прво читање на 28.09.2022 година, истакна Александар Велјановски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „Аргумент плус“ на ТВ24.

Велјановски додаде дека за жал во Македонија дека има засилен тренд на напади на новинари, како и на екипи кои што работат со новинарите.

„Она што е интересно е што се работи за предлог за еден комплексен закон со кој што се уредуваат за повеќе работи од областа на Кривичниот законик. Некако делот на новинарите останува како пропратен елемент на овој закон што не би требало да биде таков. Ако имаме ние алармантна ситуација во општеството каде што е очигледна потребата да се заштитат новинарите, тогаш сметам дека и Владата како подносител на законот и претседателот на Собранието имаат начини да изнајдат модуси и решенија како да дојде на Дневен ред, односно да се разговара стриктно за овие одредби кои што се во насока во заштита на новинарите“, појасни пратеникот.

Тој посочи дека законот за заштита на медиумските работници може да биде донесен по итна постапка како што беа доделени 30 милиони евра на Макпетрол преку ноќ за 24 часа.

„Морам да кажам дека за жал Собранието функционира само како гласачка машинерија на власта. Односно кога има потреба извршната власт“, нагласи Велјановски.