Велјановски вели ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен, уставни измени под бугарски диктат нема да има, затоа понудивме два предлози за одблокирање на евроинтегративниот процес

Целиот систем е заглавен во корупција, криминал и се гледа дека има големи проблеми во општеството. Власта се фокусира за уставните измени затоа што за нив претставуваат сламка за спас од сите проблеми во моментов, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Александар Велјановски во „Студио 10“ на ТВ24.

– ВМРО-ДПМНЕ има конзистентен став и јасно и гласно кажуваме дека нема да има уставни измени под бугарски диктат, затоа што и покрај нашите залагања и апелирања да не се оди на потпишување на еден таков договор, а потоа и прифаќање во целост на предлогот од страна на Франција, власта одлучи да го прифати и да прифати обврска да ја исполни во која не беше вклучена опозицијата, потенцираше Велјановски.

Тој истакна дека ВМРО-ДПМНЕ е со став за заштита на националните интереси, на македонскиот народ, културата, јазикот и историјата, а во моментов нема гаранции дека во иднина Бугарија или некој друг нема да не блокира повторно со наметнување на нереални барања кои не се дел од Копенхашките критериуми.

– Во врска со германската Резолуција, сите напори кои ги прават нашите пријатели од ЕУ и кои одат во насока на потврда на македонскиот јазик, идентитет, историја се добри. Сепак предлогот на ВМРО-ДПМНЕ е конкретен, да се формира влада која ќе побара од од највисоките институции на ЕУ, како што е Европскиот Совет, цврсти гаранции дека нема повеќе да има блокади. Македонскиот народ не заслужува да биде надвор од ЕУ, од 2005 сме во чекалната и овој народ направи многу, даде жртви. Сега е моментот кога ЕУ треба да подаде рака и да ги даде тие потребни гаранции, рече Велјановски.

Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ зборува за повисоко ниво на гарантирање на она што значи пат на Македонија кон ЕУ, без блокади кои се нерационални и неразумни кои произлегуваат од историски и идентитетски прашања.

– Се соочуваме со нереален, измислен проблем со Бугарија и не гледаме крај на нивните барања. Затоа ги понудивме двата предлози за деблокада на евроинтегративниот пат на Македонија, нагласи Велјановски.