Бидете разумни и ослободете се од стапицата на оваа импровизација која прави карикатура од културата, му порача во отворено писмо професорот и писател Веле Смилески на градоначалникот Петре Шилегов, поведен од настапот на Лепи Џони, најавен со толку помпа. Резултатот го знаете…
Во целост го пренесуваме отвореното писмо на Смилески, споделено на ФБ во кое потенцира дека ова не е време за парадирања, туку време кога треба да покажеме дека и во ненормални услови можеме да останеме нормални.
„Отворено писмо до градоначалникот на Скопје Петре Шилегов
КАРИКАТУРА ОД КУЛТУРА
Господин градоначалник на Скопје Петре Шилегов,
Вчера започна проектот на град Скопје „Култура во време на корона“ со цел, како што се наведува во решението за него, да им се помогне на уметниците и да се организира забава за граѓаните додека трае полицискиот час.
Не се сомневам дека идејата за проектот е добронамерна. Но, во суштина, ваквиот начин на презентирање на културата со цел да се спасат „ранливите“ категории меѓу уметниците (оние што се без плата) и да им се помогне на оние што се затворени дома (кои совесно ги почитуваат мерките за изолација), има многу иронија и сарказам, има многу проценти на потценувачки однос кон културата, кон уметниците, кон консументите на културните вредности.
Размислете дали е добро да ги качувате уметниците по покриви, да ги пикате во подруми и гаражи, да ги седнувате на огради и да ги легнувате на тревници меѓу зградите за да им ставете в рака по 14.500 денари! Овој чин е непримерен за едно хумано општество кое се грижи за културата и уметноста.
Бидете разумни и ослободете се од стапицата на оваа импровизација која прави карикатура од културата. Седнете со вашите советници, размислете и најдете разумно решение со цел, со средствата со кои располагате, на најубав можен начин да и помогнете на културата.
Ова не е време за парадирања. Ова е време кога треба да покажеме дека и во ненормални услови можеме да останеме нормални.“
16 април, 2020. Веле Смилевски