Велес е најтранспарентна општина според објавите на веб-страниците

Велес е најтранспаретна општина, а Битола и Илинден спаѓаат во групата на високотранспаретни општини според бројот на информации од јавен карактер објавени на нивните веб страници, покажува анализата направена од страна на здружението „Млади европски федералисти“ од Куманово, објави МИА.

Податоците од анализата укажуваат дека 18 општини не поседуваат ниту едена информација од јавен карактер. Дваесет и три општини се класифицирани во групата на транспарентни, 24 во категоријата на нетранспарентни, а дури 25 општини се водат како нетранспарентни. Од анализата се изземени Зелениково, Карбинци, Липково, Пласница и Чучер Сандево бидејќи овие општини воопшто немаат веб страна.

– Со оглед на резултатите добиени од анализата, станува јасно дека граѓаните на Република Македонија немаат лесно достапен начин како да се информираат за работата на своите претставници во општината, а со тоа и да имаат увид во отчетноста на истата, велат од здружението.

Оттаму предлагаат пет препораки за зголемување на транспарентноста како што се објавување на најрелевантните информации за општината, засилен надзор, обука на вработените за подигање на свеста за потребата и важноста од редовно информирање на јавноста за работата на Советот и општината, вработување на веб администратор и овозможување на брзо и лесно пребарување на информации од јавен карактер на веб страните на општините.

Анализата е спроведена во текот на мај во рамки на проектот „Советниците дискутираат, граѓаните читаат – како до потранспарентни локални совети?“