Основната цел на животот во Црквата, на светите тајни и на подвигот, е ослободувањето на човекот од ропството на гревот и на смртта. Само ако живееме на таков начин, ние ќе можеме да се измириме со Бога. И не се помирува Бог со човекот, туку човекот со Бога и преку тоа од непријател станува Божји пријател и учествува во Христовото воскресение. Трнлив и макотрпен е тој пат, но по неговото изодување нашето срце станува достојно и достоинствено живеалиште за Бога, пишува во велигденското обраќање на архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Тој истакнува дека тaјната на Воскресението има централно место и е најважен настан во учењето и во животот на светата Црква, која се состои во Христовата победа над гревот и смртта, победа којашто Синот Божји ја извојува не за Себеси, туку за целокупното човештво. Затоа, да се верува во Христа, значи да се верува во воскресението!
„Tајната на Крстот и тајната на Воскресението се тесно поврзани: како што Богочовекот Христос доброволно се распна заради нас, така и ние треба доброволно духовно да се распнеме за да воскреснеме. Ние луѓето, всушност, треба да го распнеме своето себељубие, бидејќи тоа ни е главната пречка на патот кон обновен и вечен живот. Преобразувањето на егоизмот во несебична љубов, бара голем напор и многу жртви и себеодрекувања. Но страдањата на сегашното време, не се ништо во споредба со славата која треба да се открие во нас, вели св. апостол Павле (Рим. 8, 18). Со учество во тајната на Крстот и на Воскресението, ние се преобразуваме, се осветуваме, така што преку Божјата благодат го добиваме дарот на љубовта, ослободувајќи се од ропството на сопствениот егоизам. Во суштина, себељубието својот корен го има во стравот од смртта, па затоа, победувајќи го него, ние ја надминуваме смртта и влегуваме во благословениот и обновен живот, чијашто врата ни ја отвори Синот Божји“, вели г.г. Срефан.
Тој додава дека живот е љубов, а во љубовта нема страв, туку совршената љубов го брка стравот. Значи, вистинската вредност е во жртвата што ја даваме за другиот, во нелицемерната љубов којашто, преку Божјата благодат, се шири насекаде околу нас и ги освојува срцата на многумина.
„Времето во кое живееме изобилува со многу искушенија. И на личен и на општествен план трпиме најразлични напади, кои некогаш се отворени, а не ретко се затскриени под превезот на правдата и слободата. За жал, многумина денес живеат и ги воспитуваат идните генерации со она богоборечко и нечовекољубиво размислување дека другиот човек е мојот пекол (Сартр). Доживувајќи го присуството и делувањето на ближниот како закана за нашата слобода, ние доброволно прифаќаме да останеме под ропство на смртта. Човекот е создаден за заедница, а не за да живее како единка, сам за себе. Настанот на Воскресението нe повикува да го чуваме единството, духовно и национално, за доброто на нашата Црква и Татковина, и никогаш личните да не ни бидат пред заедничките интереси. Токму поради тоа Бог ни дава различни дарови, коишто треба да ги развиваме и употребуваме за доброто и напредокот, и својот, но истовремено и на сите. Не постојат двајца исти луѓе, затоа што секоја личност е единствена и неповторлива “, вели во своето велигденско обраќање поглаварот на МПЦ.