Велика Британија го освои првото место пред дваесетина други тимови од целиот свет кои се собраа во Токио оваа сдмица за да го подигнат отпадот на инаугуративното Светско првенство во SpoGomi, иницијатива која има за цел да ја подигне свеста за еколошките прашања.
Тричлените тимови од далечните земји како што се Австралија и Бразил ги пребаруваа улиците на населбите Шибуја и Омотесанда 90 минути во текот на две сесии барајќи ѓубре и потоа го сортираа она што го нашле во соодветните категории.
Британскиот тим наречен The North Will Rise Again („Северот повторно ќе се издигне“) освои 9.046,1 поени за собирање 57,27 килограми ѓубре, победувајќи го домаќинот Јапонија на второто место.
„Многу други тимови можеби беа повеќе еколошки а помалку спортски, а ние сме веројатно спротивното. Но научивме толку многу за тоа колку треба да направиме за да ги исчистиме нашите океани и да го намалиме отпадот. Тоа беше навистина добро искуство“, изјави капитенката на британскиот тим Сара Пери
Познатите високи стандарди на Јапонија за хигиена и чистота го направија пронаоѓањето на ѓубрето предизвик за некои од натпреварувачите.
„Понекогаш беше навистина тешко бидејќи немаше навистина толку многу ѓубре. Но, тогаш моравме да погледнеме малку подлабоко во грмушките или само да се фокусираме на догорчињата од цигарите на земјата“, рече членката на тимот на САД, Беатрис Хернандез.
Името SpoGomi доаѓа од комбинацијата на зборот „спорт“ и јапонскиот збор за ѓубре, „гоми“. Измислен е во 2008 година за да ги поттикне луѓето да го собираат ѓубрето на јавни места, неговата популарност порасна до тој степен што оваа година во Јапонија се одржаа околу 230 натпревари.
Организаторот Нипон Фондацијата објави дека првото Светско првенство е одржано за да се подигне свеста за прашањата за заштита на животната средина, особено за загадувањето на океаните со пластика. Второто Светско првенство е планирано за 2025 година.