Претседателот на Собранието,Трајко Вељаноски оствари средба со парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија, Такао Макино, кој воедно е и член на Горниот дом на Парламентот на Јапонија.
Двајцата соговорници изразија задоволство од средбата, при што беше констатирано дека оваа посета претставува уште една потврда за добрите односи меѓу Македонија и Јапонија, кои секако и во иднина ќе продолжат да се развиваат во нагорна линија.
На средбата претседателот Вељаноски изрази подготвеност за унапредување на парламентарната соработка помеѓу двете земји, како на ниво на средби на претседатели на Парламенти, така и на ниво на комисии и пратенички групи за соработка. Тој, исто така, истакна дека од особено значење за продлабочување на дипломатските односи, кои оваа година бележат 20 години од нивното воспоставување, е отварањето на Амбасада на Република Македонија во Токио.
Макино изрази лична подготвеност да се иницира повторно активирање на пратеничката група за соработка со Македонија во јапонскиот Диет што ќе даде дополнителен придонес во унапредувањето на парламентарната соработка помеѓу двете земји.
Во однос на соработката на Македонија и Јапонија на мултилатерален план, двајцата соговорници изразија задоволство од меѓусебната поддршката во рамките на системот на Обединетите Нации. Претседателот Вељаноски изрази благодарност за поддршката од страна на Јапонија во изборот на Република Македонија за членка на Советот за човекови права на Организацијата на Обединетите Нации за периодот од 2014 до 2016 година.
На средбата стана збор за соработката меѓу двете земји на повеќе полиња, при што претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски изрази задоволство што Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори на Македонија.
Оваа помош се реализира преку проекти во различни области, како што е проектот кој ќе се реализира оваа година од страна на јапонски експерти, за изработка на физибилити студија за реконструкција на колекторскиот систем на Охридското езеро. Парламентарниот заменик министер за надворешни работи на Јапонија, Макино, изрази задоволство од многуте завршени проекти во Македонија, особено проектот за водоснабдување, чии благодети граѓаните ќе ги почуствуваат во иднина.