Вељаноски со честитка за Бадник и Божик

ДО МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА – ОХРИДСКА АРХИЕПИСКОПИЈА

НЕГОВОТО БЛАЖЕНСТВО АРХИЕПИСКОП ОХРИДСКИ И МАКЕДОНСКИ Г. Г. СТЕФАН

Ваше Блаженство,

Со особена чест и задоволство, од свое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија, Вам, на членовите на Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и на сите православни верници на Македонската православна црква во земјата и во странство, Ви упатувам искрени честитки по повод големиот христијански празник Раѓањето Христово – Божиќ.

Христовото раѓање претставува величествен ден и најголем настан во историјата на човековиот род. Тоа е моментот кога светлината на ангелот Божји ја здогледаа луѓето и го означија славењето кон Бога, започна вреднувањето на животот и неговото вистинско значење. Преку божественото учење на луѓето им се даде нова надеж и верба дека добрината секогаш победува над злото. Големиот христијански празник посветен на раѓањето на Спасителот, Исус Христос нека ни внесе уште поголема љубов во семејството, да ни даде уште поголема сила да правиме добри дела, да влеваме надеж на сите оние кои страдаат и меѓусебно да се почитуваме и помагаме.

Радоста на овој голем празник нека ни даде поттик да бидеме луѓе кои градат вистински христијански вредности, кои имаат цврста верба во истрајност, сплотеност и единство. Само така можеме заеднички да продолжиме по патот на изградбата на модерна држава и просперитет за сите граѓани во Република Македонија.

Посакувам Божиќ, на сите христијански верници да им донесе многу здравје, среќа, љубов и мир.

Нека е честит големиот христијански празник !

ХРИСТОС СЕ РОДИ !