Се навршуваат 10 години од моментот кога Македонија и светот загубија важна политичка личност која подеднакво се грижеше за својот народ, но и за другите народи, личност која се вложуваше за успехот на Македонија и се залагаше за нов и подобар свет. Борис Трајковски е светлиот моментум во поновата македонска историја, олицетворение на еден систем на вредности, за кој вреди да се залагаме, да го следиме. Токму затоа, но и заради многу други нешта, тој останува личност, чие наследство и во иднина ќе ја определува смислата на македонската политика.
Ова вечерва го истакна претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски во обраќањето на комеморативна академија која се одржа во Македонскиот народен театар. Политичкиот ангажман, хуманоста и посветеноста, како што рече, се атрибутите кои претседателот Борис Трајковски го врежаа во меморијата и сеќавањето на граѓаните на Македонија.
„Се навршуваат 10 години од 26 февруари 2004 година, денот кога претседателот Борис Трајковски трагично го загуби животот. Во несреќата животот го загубија и негови блиски соработници: Димка Илковска-Бошковиќ, Ристо Блажевски, Анита Лозановска, Миле Крстевски, Борис Велинов, Аце Божиновски, и пилотите Марко Марковски и Бранко Ивановски. Денеска, десет години подоцна, се сеќаваме на нив, сочувствуваме со болката и загубата на нивните семејства, на нивните најблиски“, рече Вељаноски, пренесе МИА.
„Не дозволувајте омразата да го контролира вашиот живот. мораме да бидеме единствени за да го поразиме злото. мораме да бидеме соединети во нашата борба против секаква форма на тиранија бидејќи во оваа борба немаме втори шанси. Ова се зборови искажани од претседателот Борис Трајковски кои најубаво го отсликуваат нејговиот карактер. Карактер излеан од интегритет и добрина, карактер искован со принципелност и истрајност кој е одлика и силно оружје само на големи луѓе и на вистински лидери“, посочи Вељаноски.
Нагласи дека тие карактерни благослови и лидерство што Трајковски ги поседуваше, може најубаво да се воочат во моментите круцијални за државата. Во моменти, посочи Вељаноски, кога народот, па и политичките елити беа со вжештени глави – тој беше гласот на разумот.
„Кога многумина понесени од неприликите повикуваа на поделби – тој повикуваше на мир и сплотеност. Кога многумина ја користеа верата за разединување и дефинирање на различни страни – тој ја користеше за обединување на сите граѓани укажувајќи им дека во Македонија има место за сите. Конфронтирајќи се со оние што му наоѓаа замерки на неговата умереност и наводна прекумерна благост им одговараше со зборовите: ’Немојте никогаш да го потценувате и да го исмевате мирот’“, рече Вељаноски.
Оваа порака, потенцира претседателот на Собранието, денес служи како константен потсетник на неговото дело, оваа порака потенцира која е вистинската функција на еден државник и на тоа што значи да се биде одговорен лидер, но пред се што значи да се биде добар човек.
„Борис Трајковски беше навистина претседател на сите граѓани кои живеат во оваа држава. Тој тоа секогаш го реафирмираше и го потенцираше. Во една прилика тој недвосмислено ја искажа оваа заложба со следниве зборови: ’Јас имам намера да бидам претседател на сите граѓани на Македонија, без оглед на нивната етничка или верска припадност, без разлика на нивната политичка определба. Јас нема да дозволам етничката омраза и нетолеранција да ја поткопа стабилноста на Македонија’“, рече Вељаноски.
Тој истакна дека заложбите на Трајковски како еден од најбитните обединувачки фактори во Македонија за време на потпишување на Охридскиот договор, како и заложбите за неговата имплементација незаборавајќи ги притоа условите во кои тој е донесен и константно подржувајќи дебата и расправа како истиот би можело се поефективно да се имплементира, праќаат јасна порака која ја отсликува неговата визија за инклузивна Македонија, порака која треба да не’ потсети дека ниту една држава не може да опстои поделена и дека секојдневно, секој од нас, независно дали е политичар, дали е функционер, дали е обичен граѓанин, независно дали е христијанин или муслиман, Македонец, Албанец, Ром, Турчин или Влав, треба да се стреми кон заедништво.
„Секој еден од нас треба посветено да работи на секојдневна надоградба на нашата заедничка татковина, Македонија. Денес 10 години по трагичната прерана смрт, може да констатираме дека остануваме доследни, до крај на оваа визија. Борис искрено веруваше во Македонија и во капацитетите на секој нејзин граѓанин. Трајковски се гордееше со нашата татковина. Со неговата непосредност, мудрост, едноставност, скромност и дигнитет најубаво ги олицетворуваше вредностите на нашата држава во светот“, рече Вељаноски и додаде дека заради тие вредности тој беше ценет од најмоќните и највлијателни лидери во светот.
Претседателот Трајковски во својот четиригодишен мандат посочи Вељаноски, можеше да се види во друштво на најистакнатите и најмоќните луѓе на светот, но во истиот тој период и со најприземните и најскромните луѓе.
„Неговата човечност и сестраност правеше да се чувствува удобно со кралеви и кралици, министри и претседатели од големите и силни држави, и притоа во ниту еден момент да не заборави на својот народ и на тоа од каде потекнува. Затоа често пати по некоја средба со големи достоинственици, или по посета на некоја светска престолнина тој можеше да се види во дружба со селаните од Македонија, со мажите и жените работници во фабриките, со македонските земјоделци…“, истакна Вељаноски.
Нагласи дека многу луѓе кои имале прилика да работат со Трајковски или да го познаваат и да поминат време со него во годините како претседател сведочат дека тој неуморно ги промовираше македонските интереси во меѓународата заедница преку своите лични конекции.
„Од ова уште еднаш може да го потврдиме неговиот некршлив интегритет и целосна посветеност на државните интереси. Тој никогаш не се сомневаше во било која прилика неуморно да лобира за поддршка за својата татковина. За време на мандатот на Борис Трајковски, Македонија доживува ренесанса во меѓународните односи. Имено, беа надоградени нашите стратешки односи и партнерство со САД; со другите западно-европски држави; како и со некои светски меѓународни организации“, рече Вељаноски.
Со своите лични особености и карактер, истакна Вељаноски, стана симбол, кој подеднакво го ценат и го сакаат сите граѓани на нашата држава независно од нивната национална, верска или политичка припадност.
„Македонија ќе покаже дека знае да ги цени позитивните вредности и ќе продолжи да чекори по патот на демократијата и меѓусебното почитување, како што тоа го правеше Борис Трајковски. Имаше далекусежна визија за земјата и регионот“, потенцира Вељаноски.
Денес кога одбележуваме 10 години од загинувањето на претседателот Борис Трајковски, нагласи претседателот на Собранието, се сеќаваме и ја споделуваме тагата со неговите најблиски, семејството, сопругата и децата, утеха за тагата и болката бараме во неговиот исполнет живот, во посветеноста кон семејството, љубовта и разбирањето кон пријателите, добронамерноста и непоколебливиот патриотизам со кои претседателот Трајковски живееше.
„Не задолжи да го следиме патот кој значи безусловна посветеност кон сопствената држава. Денес сите негови успеси, победи и подвизи се запамтени како победи на сите нас, нашето достоинство како народ и нашата надеж се олицетворени во нашето сеќавање за неговиот живот. Нашите демократски заложби и заложби за интегрирање на Македонија како достоинствен и горд член на Европската унија на народите, како и НАТО алијансата се врежани во нашите стратешки определби како негов најценет аманет“, додаде претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски.