Велковски: Има ветување од ВМРО-ДПМНЕ за одблокирање и на други закони

Пратеникот Диме Велковски од СДСМ очекува наскоро претседателот на Собранието Талат Џафери да закаже седници на кои ќе се донесат законите од петиот актикризен пакет, еден закон од четвртиот сет мерки, но и други законски решенија и одлуки.

„Имаше амандмани, бидејќи датумите не коинцидираа со продолжените законски решенија. Денеска на Комисија помина еден закон од четвртиот пакет закони, а тоа е повеќе од 20.000 граѓани да добијат по шест илјади денари неповратни средства. И два закони од петиот пакет мерки коишто изнесува над 160 милиони евра. Задоволство ми е да кажам дека ВМРО-ДПМНЕ и Алијанса се согласија да го одблокираат овој процес којшто е повеќе од потребен за стопанствениците и за самостојните вршители на дејноста,“ рече Велковски.

Потенцира дека уште закони се блокирани во собраниска процедура, а меѓу нив, како што кажа се и измените и дополнувањата на законите за административни службеници, за високо образование, за внатрешни работи, за работни односи, за здравствена заштита итн. За овие закони, вели Велковски, има расположение и ветување од ВМРО-ДПМНЕ да бидат одблокирани. За секој од нив има поднесено по стотици амандмани.