САД сакаат да ги пренасочат приходите од нафтата во Венецуела од Владата на Николас Мадуро кон опозицијата и самопрогласениот претседател Хуан Гуаидо.
Тоа синоќа пред новинари го кажал американскиот советник за национална безбедност Џон Болтон. Тој не открил детали, но изјавата се смета за показател за намерите на Вашингтон да ги заобиколи дипломатските мерки за да не дозволи Владата на Мадуро да добива пари.
Таквите потези ќе ги засилат позициите на Гуаидо, кој во средата се прогласи за привремен претседател на државата и беше признат од САД и други држави во регионот.
Сега се фокусираме на тоа како да го лишиме нелегитимниот режим на Мадуро од изворите на приходи, истакнал Болтон.
Дија Надер де Ел Андари, амбасадорка на Венецуела во Србија, за Спутник вели дека се надева дека ќе се почитува меѓународното право, сувереноста на еден народ и неговото волја и дека ситуацијата во Венецуела нема да биде решена по пат на војна.
Само две недели по инаугурацијата на Николас Мадуро, за нов шестгодишен претседателски мандат, за претседател на Венецуела е назначен актуелниот претседател на собранието Хуан Гуаидо. Коментирајќи ја најновата ситуација во Венецуела, Андари изрази очекувања дека Венецуела сепак нема да се соочи со воена интервенција.
„Она што се случува во Венецуела не е политичка криза, туку станува збор за последици од една економска криза, индицирана и наметната од страна на САД и ЕУ … Станува збор за нешто што се случува од пред претседателот Мадуро да ја презеде власта, дури и за време на ХУго Чавез, кога против нас почна да се води војна на повеќе нивоа. Ова денес што можеме да видиме е дека САД, без никакви маски, се обидуваат да уриваат влади, па така и нашата. Потпретседателот на Соединетите Американски Држави, Мајк Пенс, пред неколку дена отворено ги повика оружените сили на Венецуела да се свртат против својот претседател“, вели Андари.
Што всушност се случуваше во Венецуела?
Oпозицијата во Венецуела, која го контролира Конгресот и има поддршка од САД, веќе со години протестира против Николас Мадуро, наследник на починатиот социјалистички револуционер Хуго Чавез. Според мејнстрим медиумите, всушност ова била причината за незадоволство.
Венецуела е една од најсиромашните земји во светот. Земјата, која е богата со нафта, се соочува со најголема стапка на инфлација во светот, недостиг на храна и постои генерално чувство дека златните години на Боливарската револуција се зад нив. Во 2015 година, Венецуела имала над 100 отсто инфлација. А, во 2017 година, стапката на сиромаштија на населението била помеѓу 76 и 87 отсто.
Кога се гледаат сиромашните региони во Каракас, тие се одлични за илустрација на бедата, но не покажуваат дека Хуго Чавез ја намали стапката на сиромаштија од 80 на 20 проценти. Се разбира, има и денес сиромашни, но сите тие пред Чавез беа целосно обесправувани. Исто така, опозицијата во Венецуела, и тоа како има мрачна страна. Тие напаѓаа училишта, владини згради, родилишта и се одговорни за половината од убиените во конфликтите во 2014 година. Но, тоа Американците не ги загрижува, а во последно време се целосно искрени во своите намери и интереси. Нивните размислувања се движат во насока: „Што да правиме со Венецуела? Да интервенираме некако? Таа е голем извозник на нафта. Ние увезуваме многу нафта од Венецуела! “.
Ако Американците веќе увезуваат нафта од таму, зошто толку им пречи Владата на Венецуела? Па, има една едноставна причина. Кога Чавез на почетокот на 2000. година ги зголеми даноците за странските нафтени компании, а многу како „Ексон мобајл” ја напуштија Венецуела и почнаа да лобираат против неа во американската влада. ЦИА се вмешува и во 2002 година се случува ова: Чавез го апси војската, а Педро Кармона, корпоративен гигант, е поставен за претседател. Белата куќа веднаш ги поддржа водачите на воената хунта.
Тригер за воениот пуч беше насилство на улиците на Каракас за време на конфликтот на приврзаници на опозицијата и власта, а пораката на воените лидери во која го осудија насилството беше снимена два часа пред да се случи насилството. Сиромашните ја воочија режијата на опозицијата и излегоа на улиците да го поддржат сменетиот Чавез. По големите демонстрации на неговите приврзаници, Хуго Чавез од затвор е вратен во главниот град, Каракас и со голема церемонија ја презема функцијата.
Кога видоа дека не можат да го отстранат, Американците оставија природно да се одвиваат настаните. Претседателот Мадуро тврдеше дека ЦИА го заразила Чавез, кој доби рак и почина во 2013 година. До тогаш Американците го претставуваа Чавез како диктатор, иако од 19 избори, Чавез победи на дури 18, и тоа додека 80 проценти од медиумите беа против Чавез. Но, иако ја следи политиката на Чавез, Мадуро е многу полесна мета за Америка.
Недостигот на харизма кај Мадуро отвори можност евентуално да ги изгуби изборите во 2018 година. Затоа Американците почнуваат економски да ја поткопуваат Венецуела, им помагаат на богатите, на медиумите и на активистите на опозицијата, кои неколку години ја блокираат државата, со цел да го обвинат Мадуро за сите тешкотии. Го нарекуваат диктатор и го оспорат неговиот легитимитет, иако Мадуро победи на демократски избори. За Американците всушност најопасни се овие „диктатори” кои победуваат на демократски избори.
Венецуела и Русија на санкциите одговараат со криптовалута
Eкономијата на Венецуела и Русија е тесно поврзана и зависи од цената на нафтата, a и двете земји се соочуваат со последиците од економските санкции што ги наметна Америка. Поради тоа и двете земји, изминатиот период почнаа да се прават чекори кон официјализирање на криптовалутата.
Во случај на Русија, таа валута би била наречена крипторубља и нејзиниот курс ќе биде определен од Централната банка на Русија.
Според некои аналитичари венецуелската криптовалута би можела да ги заобиколи американските финансиски санкции, со можност да се прави долг и да се даде одреден степен на анонимност во нивниот централизиран „блокчејн” систем, штитејќи ги кредиторите да не бидат санкционирани и да добијат потребен пристап до странска валута. Блокчејн всушност претставува друг тип на база на податоци за запишување на трансакции, трансакција која се копира на сите компјутери во некоја одредена мрежа. Блокчејнот понекогаш се нарекува „дистрибуирана сметка”. Нејзините податоци се зачувани во фиксни структури наречени блокови.
Криптовалутите може да се користат како алатки за санкционираните земји, бидејќи тие не подложат на контрола и посредување од страна на американски и европски финансиски институции.
Претседателот Николас Мадуро објави создавање на венецуелска криптовалута (Ел Петро), поддржана од резервите на нафта, гас, злато и дијаманти на оваа земја, како и дека „Блокчејн” опсерваторија на оваа валута ќе и даде правна и институционална основа.
Растот на криптовалутата почна да предизвикува загриженост меѓу господарите на светската економија, избран клуб формиран од финансиски институции, големи централни банки и приватни банки.
Руски бомбардери стигнаа во Венецуела
Последните години Русија ѝ продаде на Венецуела воена опрема, вредна повеќе од сто милиони долари. Венецуелскиот генерал Падрино Лопез на крајот од минатата година изјави дека треба да му се каже на венецуелскиот народ и целиот свет дека онака како што Русија и Венецуела соработуваат во различни области на развој за двата народа, така подготвени се и за одбрана на Венецуела.
Во однос на соработката на овие две земји, кон крајот на минатата година, венецуелските власти им понудија на руски компании да учествуваат во ископот на злато и негова експлоатација во таа земја.
Освен докажаните нафтени наоѓалишта, кои се сметаат за најбогати во светот, Венецуела е богата и со природни ресурси како што се дијаманти, злато, железна руда, алуминиум, боксит, природен гас. Според извештајот на Светскиот совет за злато, објавен во јуни, Венецуела има 150 тони златни резерви. Сепак актуелната економска криза и американските санкции ја принудија Венецуела да се потпре на помош од други земји.