Дел од венецуелската опозиција преговарала ланскиот октомври со приватна компанија за обезбедување со седиште на Флорида за план за уривање на претседателот Николас Мадуро, по цена од 213 милиони долари, покажува документот кој во четврток го објави весникот The Washington Post.
Двајцата заробени Американци во средата и четвртокот на венецуелската државна телевизија рекоа дека приватната компанија за обезбедување „Silvercorp“ ги ангажирала да го заземат аеродромот во Каракас и да го грабнат претседателот Николас Мадуро. Требало да осигураат слетување на авион со кој Мадуро би бил префрлен во САД, каде што за негово апсење е распишана награда од 15 милиони долари поради наводен „нарко-тероризам“.
Според заробените, кои велат дека се специјалисти за урбани тактички операции, хонорарот за учество во операцијата изнесувал од 50 до 100 илјади долари, а групата се состоела од 20 луѓе. Вкупно имало 60 до 70 лица поделени во три помали групи. Нивната подготовка започнала во декември 2019 година, а во почетокот учесниците не биле целосно упатени во суштината на операцијата.
Двајцата се поранешни припадници на единиците за специјални операции кои работеле со Џордан Гудро, американски воен ветеран кој ја води компанијата „Silvercorp USA“ чиешто седиште е на Флорида. Според нивните искази требало да подготват 50 Венецуелци во соседната Колумбија за оваа операција.
Според нив „Silvercorp“ потпишала договор со венецуелскиот опозициски лидер Хуан Гуаидо, за да го собори Мадуро. Венецуела најави дека побарала екстрадиција на Гудро од САД. На двајцата заробени, пак, ќе им судат цивилни судови во Венецуела, рече Мадуро.
Документот кој го објавува The Washington Post претставува удар за веродостојноста во демократските капацитети на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кој порано ги отфрлаше сите врски со „Silvercorp“ или каква и да е друга вмешаност во обидот за насилно отстранување на Мадуро. Притоа не ги споменуваше обидите со мали одметнати единици од венецуелската полиција да заземе воени објекти.
Хуан Гуаидо, со домародно потекло школуван во САД, како претседател на венецуелскиот парламент во кој доминира опозицијата, во јануаро 2019-та се самопрогласи за привремен претседател на Венецуела, обвинувајќи го Мадуро дека нечесно победил на претседателските избори во 2018 година. Педесетина земји сојузници на Вашингтон, меѓу кои и Македонија, го признаа Гуаидо за легитимен шеф на државата.
Планот за заговорот на 42 странции, до кој води линк , до детали ја разработува стратегијата од тоа какви противпешадиски мини ќе бидат користени и со какви техники на бунт ќе се користи опозицијата, но не се објаснува како таа мала група командоси би можела да ја преземе власт над стотиците илјади припадници на безбедносните сили, кои и по речиси две години секојдневни масовни протести и судири остануваат верни на владејачката социјалистичка партија на Венецуела.
Во документот стои дека групата имала задача да го „фати/ притвори/ отстрани Николас Мадуро, да се отстрани сегашниот режим од власта и да се постави признатиот претседател Хуан Гуаидо“.
Документот до The Washington Post го проследиле припадници на венецуелската опозиција. Агенцијата Reuters не можела да ја потврди автентичноста на документот објавен во весникот, а не можела да стапи во контакт ниту со директорот на „Silvercorp USA“.
Претставниците за медиуми на Хуан Гуаидо не одговориле на барањето за коментар. Двете главни опозициски партии во Венецуела, Вистинска правда и Народна волја со кои Гуаидо е поврзан, одговориле дека „демократските сили не промовираат и не финансираат герила, предизвикување насилства или паравоени групации“. Во документот инаку се појавуваат и имињата и симболите на шест други партии кои се значително застапени во парламентот.
Во четвртокот државната телевизија го прикажа сведоштвото на 41-годишниот Ејран Бери, кој рече дека целите на мисијата биле соборување на Мадуро и преземање на контролата над специфични цели, како што е разузнавачката служба Sebin и военото разузнавање DGCIM. Тој и 34-годишниот Лук Денман беа заробени во понеделникот, „обвинети се и признаа“ дека се обиделе да извршат „инвазија“ ден претходно, соопшти Мадуро на прес-конференција.
Портпаролот на американскиот Стејт департмент, рече дека станува збор за „голема кампања на дезинформирање на јавноста“ зад која стои „режимот на Мадуро и тешко е од неа да се издвојат фактите од пропагандата“.
Мадуро рече дека неофицијалните канали за комуникација меѓу Каракас и Венецуеал се згасната на 3-ти мај, кога бил откриен планот за заговор.