Долгогодишниот менаџер на англискиот фудбалски великан Арсенал, Французинот Арсен Венгер, ја одбил побудата да го заземе тренерското место на Пари Сен Жермен, бидејќи сака да стане селектор на француската репрезентација, пишуваат во вторникот британските медиуми.
Сепак, желбата на 68-годишниот Арсен Венгер за селекторската позиција ќе зависи од тоа како Франција ќе мине на претстојното Светско првенство во Русија. Меѓутоа, според медиумите, наводно во францускиот фудбалски сојуз FFF има многумина кои сметаат дека на актуелниот селектор Дидие Дешам му „дошол крајот“ по шесте години на позицијата.
Богатиот арапски сопственик на ПСЖ, Насер ал-Келаифи, кои инаку е личен пријател со Венгер, се обидел во повеќе наврати да го доведе славниот тренер во парискиот клуб, Последниот обид се случил неодамна кога Венгер објави дека по 22 години го напушта Арсенал.
Сепак, Венгер ја одбил понудата, па засега е речиси извесно дека ПСЖ наскоро ќе објави дека нов тренер ќе биде Томас Тухел, кој две години ја водеше Борусија Дортмунд.