Не е Жозе Мурињо, не се најверните фанови на Челзи, менаџерот на Арсенал, Арсен Венгер е најразочараната личност кога е во прашање трансферот на шпанскиот интернационалец Хуан Мата во редовите на Манчестер Јунајтед.
Трофејниот француски стручњак јавно ги критикуваше челниците на Челзи и ги обвини дека намерно го реализирале овој трансфер откако двата тима ги одиграле меѓусебните пресметки во англиската Премиер лига.
„Многу ме изненади овој траснфер. Мата е фантастичен фудбалер и Челзи му го продаде на директниот конкурент од англиската Премиер лига. Не ми се допаѓа тоа што Мата му е продаден на Манчестер Јунајтед откако двата тима ги одиграа меѓусебните натпревари во националниот шампионат. Двата тима нема повторно да се сретнат во домашниот шампионат. Можеа да му го продадат на Манчестер минатата недела, пред да се одигра натпреварот на ’Стемфорд Бриџ’. Мислам дека не е фер, некој двапати играл против Манчестер, а некој има одиграно само еден натпревар. Јас многу добро ја сваќам одлуката на Челзи, но мислам дека мора да се сменат некои правила, ова не е фер. Можеби зимскиот преоден рок треба да заврши откако сите тимови ќе одиграа по еден натпревар”, изјави Венгер.