![evangelos](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2013/11/evangelos.jpg?resize=486%2C324&ssl=1)
Посета на Скопје во својство на претседавач со Европската Унија најави шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос, јавува дописникот на Нетпрес од Атина.
Посетата на која што е предвидено да се разговара за европската перспектива на западен Балкан, Венизелос ја најави во понеделникот , во говор пред Европскиот Парламент.
Одговарајќи на пратеничко прашање за западен Балкан, Венизелос специјално се осврнал на нашата земја, нагласувајќи дека грчкото претседателство ќе ги имплементира усвоените заклучоци од Европскиот и од Советот за надворешни работи што беа усвоени во декември.
„Како претседавач но Советот подготвен сум во следните денови да ги посетам сите држави од регионот и секако ќе го посетам и Скопје, без никаква разлика или одвојување и ќе имаме можност за разговор меѓу претседателството на Советот и Владата на Македонија. Откако ја презедов должноста, 2 пати се сретнав со македонскиот колега во Брисел и во Њујорк. Се сретнав и со лидерот на најголемата албанска партија што е дел од Владат, г-динот Ахмети. Знаете добро дека грчката позиција е умерена и одговорна. Истакнавме дека го почитуваме процесот во ОН, дека ја прифаќаме и почитуваме улогата на г-динот Нимиц и со него сме во близок контакт, изјави Венизелос.
Сложено име со географска одредница за вкупна употреба – Венизелос пред Европарламентот ја повтори наводно “умерената” и “одговорна позиција”, во рамките на која јасно побара и промена на нашиот Устав, нагласувајќи дека новото име требало да биде како за внатрешна така и за надворешна употреба.
И додека Грците и натаму повторуваат дека нивната црвена линија е наводно “одговорна” и “умерена”, поранешниот постојан американски претставник во НАТО, Курт Волкер го тврди сосема спротивното:
Грците сакаат да сменат се, вклучително и тоа Македонците да го сменат својот Устав. Тоа е само пуста желба, тоа никогаш нема да се случи”, изјави Волкер за Си Ен Ен пред само неколку денови.